Актуелниот претседател Стево Пендаровски, кој денеска на конгресот на СДСМ ќе ја официјализира својата кандидатура за втор мандат, како и кандидатката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, денеска ги собраа потребните 10.000 граѓански потписи за поддршка на кандидатурите.
„Собирањето на потписите започна денеска, 3 март во 08.00 часот, на територијата на целата држава и за неполни пет часа се собрани 10 000 потписи од граѓаните кои се потребни за поддршка на кандидатурата за претседател“, соопштија од кабинетот на Пендаровски.
Во соопштението се додава и дека продолжува собирањето потписи ќе продолжи во текот на наредните часови и денови.
Видете и ова: СДСМ на конгрес ќе ја потврди кандидатурата за втор мандат за претседател на ПендаровскиОд друга страна, од ВМРО-ДПМНЕ, информираа дека нивниот кандидат, професорката Гордана Силјановска-Давкова, до 12 часот денеска собрала над 15.000 граѓански потписи за потврда на кандидатурата.
Силјановска Давкова вчера беше и официјално избрана за кандидат за претседател од ВМРО-ДПМНЕ, откако доби 444 делегатски гласа на Конвенцијата на најголемата опозициска партија.
Вечерва, со почеток од 18 часот пак, на конгрес на СДСМ, се очекува поддршката од своите сопартијци да ја добие и претседателот Стево Пендаровски, а од претходно веќе пет кандидати ги собраа потребните потписи.
Видете и ова: Гордана Силјановска-Давкова официјално избрана за претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕПостапката за собирање потписи почна на 23 февруари, а ќе трае до 8 март до 24 часот. Собирањето потписи се одвива во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари.
Учесниците на изборите, листите со кандидати за претседател на државата треба да ги достават до ДИК најдоцна до 19 март, на полноќ. Претседателските избори се закажани за 24 април, а вториот круг е на 8 мај кога треба да се одржат и парламентарните избори.