Собранието на град Белград не е конституирано, официјално ќе се одржат нови избори

Новинарите во салата на Собранието на град Белград, 1 март 2024 година.

Собранието на Белград не беше конституирано на 3 март, бидејќи не беа исполнети законските услови, па повторно ќе се одржат избори во главниот град на Србија.

Тома Фила од Социјалистичката партија на Србија како најстар советник кој ја водеше седницата, изјави дека во салата нема кворум - односно дека советниците не се појавиле.

„Ве информирам дека по изборите не беа исполнети условите пропишани со Законот за локална самоуправа за конституирање на Градското собрание. Ви благодарам на сите, значи останува да се случи она што го кажав – избори“, рече Фила.

Ова беше трет обид за формирање на Собранието на градот Белград.

На изборите на 17 декември ниту една листа или партија не освои доволно гласови за да формира власт во Белград.

Видете и ова: Нови избори во Белград, одлучи претседателството на Српската напредна партија

Српскиот претседател Александар Вучиќ, кој е и член на Претседателството на Српската напредна партија (СНС), на 2 март изјави дека ја „советувал“ изборната листа околу СНС да оди на нови избори во Белград.

Од таа партија најавија дека од денеска ја почнуваат предизборната кампања, а на избори одат во „што поширок фронт, во големо движење“.

Нови избори за Собранието на Белград ги распишува претседателот на Собранието на Србија, кој исто така се уште не е избран по декемвриските избори.

Се очекува тоа да се случи на седницата неофицијално најавена за 12 март, пренесува Бета.

Градското собрание има 110 советници, а Српската напредна партија и Социјалистичката партија на Србија на декемвриските избори освоија вкупно 54 мандати, односно им недостигаа двајца за да продолжат да ја вршат власта.

Видете и ова: Вучиќ за нови избори во Белград, ја повика Владата да ги спроведе препораките на ОДИХР

Во извештајот на ОДИХР се наведени 25 препораки за подобрување на условите за избори, а се оценува дека на изборите кон крајот на минатата година, „доминирало решително учество на претседателот на државата, што заедно со системските предности на владејачката партија создало нефер услови за учесниците“.

Во него, меѓу другото, се наведува дека „во кампањата генерално биле почитувани основните слободи, но таа била поткопана со остра реторика, пристрасност во медиумите, притисок врз вработените во јавниот сектор и злоупотреба на јавните ресурси“.

Изборите во Србија се одржаа на 17 декември на парламентарно и покраинско ниво и во 65 градови и општини во Србија.