СДСМ денеска ќе одржи Конгрес на кој треба да биде официјализирана кандидатурата за втор мандат за шеф на државата на актуелниот претседател Стево Пендаровски.
Како што најавија од партијата, Конгресот ќе има отворен и работен дел. По завршување на работниот, затворен дел, Конгресот ќе биде отворен за јавноста, а медиумите ќе можат да го проследат обраќањето на кандидатот за претседател на државата.
Пендаровски на прес-конференција завчера ја објави кандидатурата за претседател нагласувајќи дека станува збор за граѓанска кандидатура и ги повика граѓаните од денеска да дадат потпис за него во подрачните единици на Државната изборна комисија.
Од друга страна, вчера и опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја потврди кандидатурата на професорката Гордана Силјановска-Давкова, а од денеска преку партиско соопштение истакнаа дека започнуваат и со собирање на потребните 10.000 потписи од граѓани.
Досега пак, податоците на Државната изборна комисија (ДИК) покажаа дека од 11 кандидати, петмина од нив веќе ги собрале потребните 10.000 гласови и се официјални кандидати за претседателските избори.
Видете и ова: Гордана Силјановска-Давкова официјално избрана за претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕОд петокот, до потребните потписи стигна и Билјана Ванковска (Левица) која според пресекот на ДИК има 10.278 потписи, како и Стевчо Јакимовски (ГРОМ) кој има 10.269 потписи.
Претходно со собрани 10.000 потписи претседателски кандидати се Максим Димитриевски (ЗНАМ-За наша Македонија), со 11.562, Бујар Османи (ДУИ), со 11.079 и Арбен Таравари (коалиција „Вреди“) со 10.706.
Постапката за собирање потписи почна на 23 февруари, а ќе трае до 8 март до 24 часот. Собирањето потписи се одвива во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари.
Учесниците на изборите, листите со кандидати за претседател на државата треба да ги достават до ДИК најдоцна до 19 март, на полноќ. Претседателските избори се закажани за 24 април, а вториот круг е на 8 мај кога треба да се одржат и парламентарните избори.