Со вкупно 444 гласови од 454 делегати од ВМРО-ДПМНЕ, пратеничката и професорка Гордана Силјановска-Давкова ќе биде кандидат за претседател од редовите на најголемата опозициска партија, по гласањето на денешната конвенција на ВМРО-ДПМНЕ, со која и се официјализираше нејзината кандидатура.
„Може да смените се, стил, многу нешта, но татковина никогаш. Не случајно сме родени во Македонија, енергијата извира одовде и затоа треба да воспоставиме што е можно поцврсти врски со оние кои си заминале, не затоа што сакале, туку оти некој не ги сакал како најдобри. Само така ќе обезбедиме почит секаде во светот. Многу работа стои пред нас и јас затоа сите оние кои ќе бидат носители на некоја функција бидејќи во 21 век, ги молам да стават крај на овие страшни поделби по било која основа, најмногу по партиска и по политичка, да не се однесуваат кон опозицијата како тие што се однесуваа кон неа, зошто без опозиција нема демократија, да градат консензус за најважните државни и национални прашања и интереси, да излегуваат кон надвор усогласени зошто само лидери и државници тоа го прават“, изјави Силјановска-Давкова по гласањето на денешната конвенција.
Таа најави и дека ќе ги собира потребните 10.000 гласови од народот, кои досега веќе ги собраа петмината кандидати за претседателските избори чиј прв круг ќе се одржи на 24 април годинава.
Видете и ова: Претседателски избори: Во трката за нова, не се „испушта“ старата функција?Нејзиниот избор го поздрави и партискиот лидер Христијан Мицкоски, кој рече дека Силјановска-Давкова „ќе биде победник и на претседателските избори оваа пролет“.
„На 8 мај знаеме дека овој народ ќе каже доста е. Ќе каже доста ни е од кражби, доста ни е од непостоење на систем, доста ни е од потценување. Затоа ви велам дека она во што верувам пред овие избори е шансата во која сите можете и морате да учествувате. Ова не е Македоија која ја знаете, која ја сакате и која ја заслужувате. Очајот не е решение. Да не се делиме според политичките погледи, секоја наша разлика е помалку важна од Македонија која ни ја земаа. Време е да си ја вратиме. За одење напред. За развивање на концептот Македонија за сите луѓе. Да ја вратиме државата на народот. Да кажеме ова е твоја Македонија. Време е за промени и тоа време доаѓа. Ова нема да биде, моја, и само наша победа, туку победа на секој еден човек на Македонија против естаблишментот кој не влече надоле. Доаѓа тоа време. Следуваат подобри времиња“, рече меѓу другото Мицкоски во својот говор.
Од друга страна, откако ВМРО-ДПМНЕ веќе ја официјализираше кандидатурата на Силјановска-Давкова, утре се очекува слична конвенција да одржи и СДСМ, на која пак ќе дадат поддршка на кандидатурата за втор мандат на актуелниот претседател Стево Пендаровски, кој вчера ја најави својатакандидатура.
Досега пак, податоците на Државната изборна комисија (ДИК) покажаа дека од 11 кандидати, петмина од нив веќе ги собрале потребните 10.000 гласови и се официјални кандидати за претседателските избори.
Од синоќа, до потребните потписи стигна и Билјана Ванковска (Левица) која според пресекот на ДИК има 10.278 потписи, како и Стевчо Јакимовски (ГРОМ) кој има 10.269 потписи.
Видете и ова: Ванковска и Јакимовски ги собраа потписите, официјализирани пет кандидатури за претседателПретходно со собрани 10.000 потписи претседателски кандидати се Максим Димитриевски (ЗНАМ-За наша Македонија), со 11.562, Бујар Османи (ДУИ), со 11.079 и Арбен Таравари (коалиција „Вреди“) со 10.706.
Постапката за собирање потписи почна на 23 февруари, а ќе трае до 8 март до 24 часот. Собирањето потписи се одвива во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари.
Учесниците на изборите, листите со кандидати за претседател на државата треба да ги достават до ДИК најдоцна до 19 март, на полноќ. Претседателските избори се закажани за 24 април, а вториот круг е на 8 мај кога треба да се одржат и парламентарните избори.