Ванковска и Јакимовски ги собраа потписите, официјализирани пет кандидатури за претседател

Избори, Северна Македонија (Илустративна фотографија)

Податоците на Државната изборна комисија (ДИК) покажуваат дека заклучно со вчера, од вкупно 11 кандидати, уште шестмина од нив ги немаат потребните 10.000 потписи за претседателска кандидатура, а петорица веќе ја постигнаа потребната бројка.

Од синоќа, до потребните потписи стигна и Билјана Ванковска (Левица) која според пресекот на ДИК има 10.278 потписи, како и Стевчо Јакимовски (ГРОМ) кој има 10.269 потписи.

Претходно со собрани 10.000 потписи претседателски кандидати се Максим Димитриевски (ЗНАМ-За наша Македонија), со 11.562, Бујар Османи (ДУИ), со 11.079 и Арбен Таравари (коалиција „Вреди“) со 10.706.

Од другите кандидати, Вело Марковски има 1330 потписи, Мерсиха Смаиловиќ 1286, Ѓорѓи Манасков 388, Зорица Цветковска 176, Господин Поповски 106 и Томе Николовски со 0 потписи.

Видете и ова: Претседателски избори: Во трката за нова, не се „испушта“ старата функција?

Од утре пак, потписи ќе собираат и кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова и на СДСМ Стево Пендаровски, и покрај поддршката што за нив се очекува партиите да ја официјализираат овој викенд.

Постапката за собирање потписи почна на 23 февруари, а ќе трае до 8 март до 24 часот. Собирањето потписи се одвива во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари.

Учесниците на изборите, листите со кандидати за претседател на државата треба да ги достават до ДИК најдоцна до 19 март, на полноќ. Претседателските избори се закажани за 24 април, а вториот круг е на 8 мај кога треба да се одржат и парламентарните избори.