Палестинските власти се надеваат на договор за прекин на огнот во Газа до Рамазан, светиот месец за муслиманите, изјави на 2 март нивниот министер за надворешни работи Ријад ал Малики, пренесе Ројтерс.
Зборувајќи на прес-конференција на дипломатскиот форум во Анталија, Турција, Малики рече дека Палестинската управа ќе биде „единствената легитимна власт“ да управува со Газа по војната.
Палестинската управа, која има ограничена самоуправа во делови од Западниот Брег кој го окупираше Израел, ја загуби контролата врз Газа од Хамас, кој Соединетите Американски Држави (САД) и Европската унија (ЕУ) го означија како терористичка организација .
Израел и Хамас преговараат преку посредници за можен прекин на огнот во Газа, со цел да ги прекинат борбите навреме за Рамазан, муслиманскиот месец на постот, кој треба да започне на 10 март оваа година.
Војната во Газа трае од 7 октомври 2023 година, откако во нападот на Хамас врз Израел загинаа повеќе од 1.200 луѓе, а според израелските власти, уште 100 починале од повредите. Хамас зеде повеќе од 250 заложници во Газа.
Видете и ова: Осуда на Израел и повици за истрага по убиството на цивили кои чекаа помош во ГазаСпоред Министерството за здравство во Газа под контрола на Хамас, повеќе од 30.320 луѓе загинале на територијата од почетокот на војната.
Групите за човекови права го обвинуваат Израел за употреба на непропорционална сила како одговор на нападот и во последователната војна против Хамас.
Според Канцеларијата на Обединетите нации (ОН) за координација на хуманитарни прашања, повеќе од 576.000 луѓе во Појасот Газа, што е една четвртина од населението на енклавата, се на работ на гладување.
ОН соопштија дека се соочуваат со „огромни пречки“ во обезбедување помош.
Џо Бајден, претседателот на САД, најголемиот сојузник на Израел, на 1 март објави дека земјата ќе испорача храна и други резерви во Газа со воени авиони.