Оваа учебна година државната матура наместо во училници ќе се полага во големи простории во училиштата – холовите, училишните спортски сали или во друга голема училишна просторија во која има услови за полагање.
Во голема просторија ќе има и повеќе тестатори така што оваа новина ќе овозможи подобра контрола на случувањата во текот на испитот и ќе оневозможи препишувања или масовно споделување на одговори, како што се случи минатата година во група на апликацијата Вибер на испитот по Англиски јазик, информираат од Државниот испитен центар (ДИЦ) кои го организираат оваа полагање за МИА.
Според нив, целта на новиот начин на реализирање на испитите е самостојно решавање на тестот и почитување на правилата за полагање кои постојат од воведувањето на државната матура во 2007 година (не е дозволено: користење какви било дополнителни средства - учебници, хартија, мобилни телефони и други електронски уреди, консултација со другите матуранти, препишување, недолично однесување кон други лица во просторијата, пишување недолични знаци на тестот или текст кој го открива идентитетот и слично).
„Очекуваме оваа промена да овозможи подобра работна атмосфера во текот на испитот и можност матурантите да го покажат своето објективно знаење, со што резултатите од матурата ќе бидат генерално поверодостојни“, изјави за МИА Билјана Михајловска, директорка на ДИЦ.
Видете и ова: МОН - Државниот испитен центар да ги лоцира пропустите во полагањето на екстерниот испитРаботна група на ДИЦ, во која учествувале и претставници од Министерството за образование и наука, ги контактирала сите средни училишта и собрала податоци за нивните просторни услови и според нив најголемиот дел од училиштата имаат доволно големи простории за своите ученици.
„Само мал дел од училиштата немаат доволно простории и дел од матурантите од тие училишта ќе полагаат во најблиското училиште во кое има услови за полагање“, додава Михајловска.
За предлозите за воведување блокатори на сигнали на мобилни телефони, директорката на ДИЦ вели дека без оглед дали во испитната просторијата има или нема блокатор, матурантите воопшто не смеат да користат електронски уреди во текот на испитот, така што блокаторите би го спречиле користењето на мобилните телефони за препишување и споделување информации во ситуација кога тестаторот не го забележал или го игнорирал прекршувањето на правилата.
Двата екстерни испита од државната матура во јунската сесија оваа година ќе се полагаат на 1 јуни – задолжителниот испит (македонски јазик, албански јазик и турски јазик) и литература и на 8 јуни – изборниот испит (математика, англиски јазик, француски јазик, германски јазик, руски јазик, филозофија и естетика).