Две лица загинаа, осуммина се повредени, додека шест лица се водат за исчезнати откако руски дрон се урна на 2 март во станбен блок во пристанишниот град Одеса во јужна Украина, соопштија властите, пренесе Ројтерс.
„Русија продолжува да се бори против цивилите... Едно од непријателските беспилотни летала погоди станбена зграда во Одеса. Уништени се 18 станови“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во објава на мрежата Телеграм.
На видеото кое го објави Зеленски од висина се гледа дека на станбената зграда и недостасува дел, како и десетици спасувачи кои се борат да се пробијат низ урнатините.
Видете и ова: Руски напади на неколку украински градови и складише за нафта во регионот КурскСпоред Зеленски, станува збор за беспилотно летало Шахид од иранско производство. Русија лансираше неколку илјади вакви дронови при напади врз цели во Украина.
Регионалниот гувернер на Одеса, Олех Кипер изјави дека работите за расчистување на урнатините се во тек и дека еден човек е извлечен жив, кој најверојатно бил во подрумот во моментот на ударот.
Украинскиот јавен радиодифузен сервис „Суспилне“ го цитираше локалното обвинителство дека шест лица се уште се водат како исчезнати.