Иранскиот добитник на Греми осуден на четири години затвор

Шервин Хаџипур, ирански пејач и добитник на наградата Греми, беше осуден на затворска казна.

Иранскиот суд го осуди на речиси четири години затвор добитникот на Греми Шервин Хаџипур, кој првпат беше приведен откако неговата песна „Бараје“ се претвори во химна на протестите против естаблишментот во 2022 година, истовремено принудувајќи го да пишува музика критички настроена кон САД.

Хаџипур ја сподели веста заедно со слика од судската пресуда на својот Инстаграм профил на 1 март. Тој им се заблагодари на своите адвокати што „дале се од себе“ и употреби персиски израз што сугерираше дека не се кае.

Хаџипур е осуден на осум месеци затвор за „пропаганда против естаблишментот“ и три години за „охрабрување и предизвикување на јавноста на бунт за нарушување на националната безбедност“. Хаџипур ќе ја одлежи само подолгата од двете затворски казни.

Видете и ова: Вујкото на Махса Амини во затвор поради поддршка на иранските демонстранти

На пејачот и текстописец, исто така, му е наредено „да создаде музика за американските злосторства против човештвото“ и „да ги документира кршењата на човековите права во Америка во минатиот век“ и да ги објави своите наоди на социјалните мрежи.

Тој, исто така, доби забрана за напуштање на Иран на две години и му е наредено, меѓу другото, да објавува на социјалните мрежи рачно напишани белешки од верски книги за жените.

Бараје, чии стихови беа многу инспирирани од објавите на социјалните мрежи од Иранците кои објаснуваат зошто протестираат, ја освои инаугуративната награда за специјална заслуга за најдобра песна за социјални промени на Греми 2023 година.

Протестите во 2022 година избувнаа откако Махса Амини, која беше приведена поради наводно носење „несоодветна“ облека, почина во полициски притвор. Месечните немири го создадоа движењето „Жени, живот, слобода“ кое претставува едео од најсилните предизвици за исламската република од нејзиниот почеток.

Стотици беа убиени, а илјадници беа уапсени додека властите ги задушија протестите.

Хаџипур беше уапсен во септември 2022 година и беше задржан околу три недели пред да биде ослободен со кауција.