Египет се надева дека разговорите иницирани од Катар ќе доведат до крај на непријателствата во Појасот Газа пред претстојниот месец на постот Рамазан, изјави египетскиот министер за надворешни работи Самех Шукру.
Преговорите за примирје во Газа, кои започнаа во Париз минатата недела, се најсериозниот обид да се запрат борбите во палестинската енклава меѓу израелските сили и милитантната група Хамас, која САД и ЕУ ја означија за терористичка организација, пишува Ројтерс.
Шукру, говорејќи на меѓународниот дипломатски форум во Анталија, Турција, рече дека дошле до „точка на разбирање“.
„Ќе продолжиме да правиме напори со нашите браќа во Катар и САД и со другите кои се блиску до преговорите. Се надеваме дека можеме да постигнеме прекин на непријателствата и размена на заложници. Сите сме свесни дека имаме ограничено време да успееме пред почетокот на Рамазан“, рече Шукру.
Видете и ова: ЕУ одвои дополнителни 68 милиони евра помош за ПалестинцитеПредложениот договор, од почетокот на Рамазан на 10 и 11 март, вклучува 40-дневна пауза на сите воени операции и размена на палестински затвореници за израелски заложници десет спрема еден, изјави за Ројтерс висок извор близок до преговорите.
Шукру најави дека ќе продолжи да бара соработка со Обединетите нации, „за да се олесни страдањето на народот во Газа и да се зголеми нивото на [помош]“.
„Тоа не може да се случи без прекин на непријателствата“, рече тој.
Палестинскиот министер за надворешни работи Ријад ал-Малки, говорејќи на истиот панел со Шукру, рече дека Израел нема да објави прекин на огнот доколку не се изврши меѓународен притисок врз владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
„Ако не успееме да постигнеме прекин на огнот во следните две или три недели, јасно е дека ќе видиме уште една рунда напади врз Рафах и продолжување на геноцидот“, рече тој.
Видете и ова: Осуда на Израел и повици за истрага по убиството на цивили кои чекаа помош во ГазаАмериканскиот претседател Џо Бајден на 29 февруари изјави дека САД ги истражуваат извештаите за израелски војници кои пукале во луѓе додека чекале хуманитарна помош во Газа. Тој изјави и дека верува оти инцидентот ќе ги усложни преговорите за прекин на огнот.
Нападите врз Газа траат од 7 октомври како одговор на нападот на Хамас врз Израел. Областа претрпе значително уништување и со месеци е изолирана од останатата територија.