Украинските сили собориле четири руски беспилотни летала

илустрација

Украинската воздушна одбрана собори четири беспилотни летала што Русија ги лансираше над Украина рано утрото на 1 март, соопшти украинската армија.

Како што јави Радио Слободна Европа на украински јазик, руската армија нападнала со пет противвоздушни наведувани ракети С-300 од окупираниот регион Доњецк и рускиот регион Белгород, како и со четири дронови од типот „Шахид“ од регионот Приморски Ахтар.

„Како резултат на борбите, вооружените сили уништија четири „шахиди“ во границите на регионите Харков и Дњепропетровск“, соопшти украинската војска.

Во меѓувреме, гувернерот на рускиот пограничен регион Курск, Роман Старовоит, изјави дека поради нападот на украинските беспилотни летала четири села во тој регион останале без струја, пренесува РСЕ.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Украинската полиција се обидува да го одржува редот во местата во близина на фронтот

Руското Министерство за одбрана соопшти дека противвоздушната одбрана соборила четири украински беспилотни летала над Белгород и Нижни Новгород.

Украина не ги коментираше тврдењата.

Командантот на воздухопловните сили Микола Олесук на 24 февруари, на втората годишнина од почетокот на војната, објави дека украинската армија за две години уништила 1905 руски ракети, 4844 нападни беспилотни летала и 7660 оперативно-тактички беспилотни летала.

Истиот ден, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека 31000 украински војници загинале од почетокот на руската инвазија, што е негова прва официјална потврда за воени загуби.

Тој не го прецизираше бројот на повредени од безбедносни причини.

Русија не објавува податоци за воените загуби.