Пендаровски најави граѓанска кандидатура за втор мандат

Стево Пендаровски, претседател на РСМ

Актуелниот претседателот Стево Пендаровски ја најави граѓанската кандидатура за втор мандат. На денешната прес конференција тој ги повика сите граѓани да дадат поддршка со потпишување во канцелариите на Државната изборна комисијa (ДИК).

„Во мојот прв мандат станавме членка на НАТО, а очекувам во вториот мандат да станеме членка на ЕУ. Јас сум Македонец, меѓутоа не постои единствен случај кога моето етничко потекло било причина да фаворизирам или да деградирам. Во изминатите пет години покажав дека претседателот може да биде независен од било кои центри на политичка или економска моќ вклучително и во однос на оние кои го поддржале. Во нашата земја не постои човек или партија која може да каже дека ги контролира или диригира моите одлуки“, изјави Пендаровски.

Видете и ова: Претседателски избори: Во трката за нова, не се „испушта“ старата функција?

Во однос на меѓуетничките односи и евроатлантските интеграции, тој ги повтори своите ставови дека Рамковниот договор, Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија биле придобивка за граѓаните и за државата.

„Договорт со Бугарија не беше спорен три години, но стана проблем кога Бугарија под притисок на комунистичката стара гарда почна да измислува причини за блокада кои во самиот договор ги нема. Тезите дека некој ќе ја промени преговарачката рамка и дека ќе направи подобар договор со ЕУ се политичка фатаморгана“, рече актуелниот претседател.

Видете и ова: Пендаровски и Силјановска-Давкова влегуваат во претседателската трка?

Во текот на викендот, се очекува владеачката СДСМ и официјално да го поддржи Пендаровски во трката за втор мандат. Пендаровски порача дека добил јавна поддршка од голем број граѓани, дел од нив јавни личности, професори и културни работници.

Според последните информации од ДИК најблиску до потребните 10 000 потписи се професорката Билјана Ванковска, поддржана од Левица и градоначалникот на Карпош, Стевче Јакимовски. Максим Димитриевски, Арбен Таравари и Бујар Османи кои веќе обезбедија влез во претседателската трка.

Кандидатите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат промовирани викендов за кога двете партии закажаа конгреси. Крајниот рок за собирање на потписи е 8-ми март.