Турција во петок (1 март) им се придружи на Саудиска Арабија, Египет и Јордан во осуда на израелските сили кои пукаат врз Палестинците кои чекале испорака на помош во северниот дел на Појасот Газа.
Францускиот министер за надворешни работи Стефан Сежурне рече дека Франција сака независна истрага за смртта на десетици Палестинци.
„Ќе бараме објаснувања и ќе треба да се спроведе независна истрага за да се утврди што се случило“, рече тој.
Израелските војници пукаа врз Палестинците кои се обидуваа да стигнат до испорака на храна во хаотичен инцидент во четвртокот. Министерството за здравство во Газа, под контрола на Хамас, кој САД и Европската Унија го сметаат за терористичка организација, соопшти дека во инцидентот загинале повеќе од 100 луѓе.
Турското Министерство за надворешни работи оцени дека настанот е „уште едно злосторство против човештвото“.
Видете и ова: Над 100 мртви Палестинци по напад од израелски војници, тврдат сведоциИзраелската војска соопшти дека дошло до „стампедо“ кога илјадници очајни жители во Газа опколиле конвој од 38 камиони со хуманитарна помош, убивајќи и ранувајќи десетици лица, од кои некои биле прегазени од камионите.
Извор во Израел призна дека војниците пукале врз толпата верувајќи дека тие „претставуваат закана“.
Министерството за здравство во Газа објави дека со загинатите во инцидентот во четвртокот, бројот на загинатите од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас на 7 октомври надмина 30 000 лица.
Војната започна со упадот на екстремистите предводени од Хамас на југот на Израел, кога според израелските податоци загинале околу 1200 луѓе, додека околу 250 биле земени како заложници.