Кризната состојба во Идризово продолжена до октомври

Илустрација, надзорна кула во затворот Идризово

Владата донесе одлука со која се продолжува рокот на постоење на кризна состојба во казнено поправната установа Идризово поради спречување на безбедносни закани и зајакнување на обезбедувањето на КПД Идризово.

Со новиот рок, кризната состојба ќе трае до 30 септември 2024 година. Одлуката откако денеска беше изгласана во Собранието е објавена во Службениот весник, а нејзината примена ќе почне од 14 март 2024 година.

Првата одлука за воведување на кризна состојба во КПД Идризово беше донесела минатото лето, поради недостиг на затворски полицајци.

„Во овој случај полицијата и мал број на припадници на Армијата, кои се во поддршка на припадниците на МВР, се ангажирани со цел да можат да се справат со состојбата, односно да не се дозволи евентуално ескалирање или нарушување на безбедноста на државата“ изјави на 21 јуни министерката за одбрана Славјанка Петровска.

Видете и ова: Полиција и војска на помош во обезбедувањето на најголемиот затвор „Идризово“

Со прогласувањето на кризната состојба беше решено припадници на Армијата да бидат ангажиран за обезбедување на затворот, при што тие се само поддршка на полицијата и немаат допирна точка со луѓето кои се наоѓаат на издржување затворски казни.

Изминатата година затворот беше поврзан со повеќе скандали, меѓу другите копањето на подземен тунел од затвореници кои со месеци планирале бегство. Исто така се случи и спектакуларно бегство на затвореник додека беше транспортиран на лекар, па поради ова беа суспендирани командир и четворица затворски полицајци.