Пратениците на 29 февруари ги изгласаа измените на пакетот шест закони со кои се намалуваат коефициентите на платите на избраните и именуваните лица. Овие измени на пакет закони се донесени на две недели по распишивањето на двојните избори што треба да се одржат на 24 април и 8 мај.
Со оваа одлука на пратениците ќе се стопира само мартовскиот раст на платите на избраните и именуваните лица, но им останува минатогодишното зголемување од 78 проценти. Со новото усогласување платите требаше да им пораснат за нови 300 до 400 евра во зависност од функцијата, односно за околу 15 проценти.
Повисоките функционерски плати за 78 отсто кои беа покачени од март 2023 година, поттикнаа протести на разни групи работници, а на улица ги извадија и пензионерите.
Незадоволството дополнително е и поради тоа што за разлика од функционерите, платите на работниците во скоро цел јавен сектор се врзани со растот на минималната плата, што значи не е процентуален, туку линеарен. Тие ќе добијат линеарно нето зголемување од 2.000 денари со растот на минималната плата за 2.000 денари.
Видете и ова: Цените европски, а платите балкански, освен за функционеритеСо законските измени се опфатени околу 1 060 избрани и именувани лица како што се претседателот, пратениците, министрите, судиите, јавните обвинители, членовите на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители.
Предлог-измените ги поднесе пратеничката група на СДСМ, а вчера на ваквите најави реагираа од Здружението на судии, Судскиот совет и Здружението на јавни обвинители.
Здруженијата на судиите и на јавните обвинители пакетот законски измени го нарекоа неприфатлив. Судиите пак според соопштението, велат дека очекувале оти по шестгодишниот дијалог со Владата, ќе дојде до зголемување, а не до намалување на коефициентот, а обвинителите посочија дека ова нема да придонесе за нивна финансиска независност според меѓународните стандарди.
За платите на функционерите кои се именувани директно од Владата и не се опфатени со законските промени, се разгледува законска можност за интервенција со владина одлука, а според вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи тоа може да се направи и од управните и надзорните одбори.