Уставниот суд во Словачка: Нема намалување на казните за корупција

илустрација

Намалувањето на казните за корупција нема да се стапи во сила во Словачка, откако Уставниот суд во оваа земја донесе одлука на 29 февруари со која се запира важноста на измените во Кривичниот законик усвоени од Владата за да се намалат казните за кривичното дело злоупотреба на службена должност и измами.

Измените изгласани од коалицијата на премиерот Роберт Фицо, ја вознемирија опозицијата, а Европската комисија и Европското јавно обвинителство изразија загриженост.

Видете и ова: Година во која на функционерите им беше добро – Си ги зголемија платите и се спасија од затвор

Критиките се фокусираа на недостатокот на широка дебата, значителното намалување на казните за финансиски криминал и намалување на застареноста што трајно ќе стави крај на тековните истраги, дури и ако законот е во сила само еден ден.

Словачкиот Уставен суд соопшти и дека ги отфрлил другите приговори на словачката претседателка Зузана Чапутова и опозицијата. Тоа значи дека ќе се реализира планот за затворање на Специјализираното обвинителство кое се занимавало со тешки кривични дела, вклучително и корупција на високо ниво.

Уставниот суд не ја поништи планираната реформа за затворање на Специјализираното обвинителство, кое поднесе кривични предмети против високи државни службеници и политичари од партијата на премиерот Фицо.

Таквата одлука значи дека на 15 март неодобрените делови од реформата нема да стапат во сила, бидејќи ќе чекаат натамошно разгледување во Уставниот суд, кое може да трае со месеци.