Над 100 мртви Палестинци по напад од израелски војници, тврдат сведоци

Палестинци кои чекаат медицинска помош во болницата по наводниот отворен оган врз нив од израелски војници во северниот дел на Газа на 29 февруари 2024 година

Израелските војници пукале врз толпата Палестинци кои чекале помош во градот Газа во четвртокот на 29 февруари, тврдат очевидци за новинската агенција Асошиетет прес.

Според информациите од здравствените власти, загинале над 100 луѓе, со што бројот на загинати од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас,којшто САД и Европската унија го сметаат за терористичка организација, се искачи на повеќе од 30.000.

Претставниците на болницата првично известија за израелски напад врз толпата, но очевидци подоцна рекоа дека израелските војници отвориле оган додека луѓето ваделе брашно и конзервирана стока од камионите.

Видете и ова: Близу 30.000 загинати во Газа, ОН предупредуваат на „неизбежен“ глад


Израелската војска одби да даде изјава за улогата на војниците во инцидентот.

Градот Газа и околните области на северот на енклавата беа првите цели на израелската воздушна, морска и копнена офанзива, започната како одговор на нападот на Хамас на 7 октомври.

Областа претрпе широко распространето уништување и беше во голема мера изолирана за време на конфликтот. Камиони кои превезуваа храна стигнаа до северниот дел на Газа оваа недела, што е прва голема испорака на помош во областа за еден месец, соопштија властите во средата.