Регулаторната комисија за енергетика донесе вонредна одлука за цената на парното греење во Скопје за деловните корисници со која таа се намалува за 35 отсто.
Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, изјави дека цената на топлинската енергија за потрошувачите во град Скопје е намалена поради намалените трошоци за природен гас.
„Ние ја следевме цената на берзите и имајќи предвид дека со претходната одлука одевме со повисоки цени, ова што е реализирано во јануари, февруари и март ни даде основа да ја донесеме одлуката, со цел на сите овие потрошувачи, како што се училиштата, градинките и малите дуќани, кои немаа никаква субвенција, да им ги намалиме трошоците за топлинска енергија. Со тоа ќе овозможиме и тренд на нови потрошувачи од сферата на деловните корисници“, рече Бислимоски на прес-конференција.
Тоа значи дека сметката што ќе ја добијат овие деловни субјекти за февруари ќе биде намалена 35 проценти.
Видете и ова: Дел скопјани не се спокојни- парно де има, де немаВо однос на постапката за избор на нов Универзален снабдувач со електрична енергија, од РКЕ велат дека сè уште нема информација до каде е постапката за избор на нов Универзален снабдувач со електрична енергија.
„Сè уште немаме информации. Постапката мора да заврши до 17 април, така што има доволно време за да се заврши целата процедура. Верувам дека во наредните две недели ќе се заврши целокупната постапка, вклучувајќи ја и електронската аукција“, рече Бислимоски.
На актуелниот Универзален снабдувач ЕВН Хоум на крајот на јуни годинава му истекува петгодишниот договор за снабдување со електрична енергија на корисниците на регулираниот пазар. Поради тоа Владата објави нов повик за избор на Универзален снабдувач со електрична енергија што ќе ги снабдува корисниците на регулираниот пазар во наредните пет години, на кој покрај ЕВН Хоум аплицираа и ЕСМ и ЕДС.