Србија не се усогласи со декларацијата на Европската унија (ЕУ) во која одговорноста за смртта на опозицискиот лидер Алексеј Навални му се припишува на рускиот претседател Владимир Путин, дознава Радио Слободна Европа (РСЕ) од дипломатски извори во Брисел.
Во среда, на 28 февруари, истече рокот за трети земји да се изјаснат дали се согласни со ставот на ЕУ во врска со смртта на Навални.
Изворите на РСЕ објаснуваат дека Србија воопшто не се изјаснила до крајниот рок, што во процедурите на ЕУ се подразбира дека не се усогласила со ставот на ЕУ.
Истите дипломатски извори потврдија дека сите други земји од Западен Балкан се усогласиле со ставот на ЕУ. Оваа декларација, велат тие, не ја поддржале и Турција и Ерменија.
Видете и ова: Навални ќе биде погребан на први март во МоскваДосега Србија не почитуваше ниту една од рестриктивните мерки или декларации против Русија што ЕУ ги воведува од почетокот на агресијата против Украина.
Во декларацијата за смртта на Алексеј Навални, која на 19 февруари во име на ЕУ ја објави високиот претставник за заедничка надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, се смета дека крајната одговорност за убиството на Навални е на претседателот Путин и на власта во Русија.
Навални почина на 16 февруари во колонијата на специјалниот режим „Поларен волк“ во арктичката автономна област Јамало-Ненец. Во официјалниот заклучок за неговата смрт се наведува дека тој починал од природна смрт. Не беа дадени други детали.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Неговата сопруга Јулија Навалнаја во обраќањето пред Европскиот парламент на 28 февруари рече дека нејзиниот сопруг бил „мачен и гладен“.
„И потоа го убија. И после тоа го малтретираа неговото тело и ја малтретираа неговата мајка“, рече таа во своето обраќање пред европските парламентарци, кои ја поздравија со аплауз.
Алексеј Навални, кој имаше 47 години за време на неговата смрт, беше политички активист во Русија и долгогодишен, истакнат критичар на рускиот претседател Владимир Путин.