Нобеловиот комитет вели дека затворањето на Орлов е „политички мотивирано“

Активистот за човекови права Олег Орлов во судницата за време на читањето на пресудата, Москва, 27 февруари 2024 година.

Норвешкиот Нобелов комитет оцени дека затворањето на Олег Орлов, копретседател на руската група за човекови права Меморијал, која ја доби Нобеловата награда за мир во 2022 година, е „политички мотивирано“.

Во вторникот, 70-годишниот Орлов беше прогласен за виновен за дискредитација на руските вооружени сили и осуден на две и пол години затвор.

„Казната на која беше осуден Орлов беше политички мотивирана, што е уште еден показател за зголеменото непочитување на човековите права и слободата на говор во денешна Русија“, рече Јорген Фриднес, претседател на норвешкиот Нобелов комитет.

Како што јави Радио Слободна Европа на англиски јазик, тој додаде дека режимот на рускиот претседател Владимир Путин „долги години се обидува да го замолчи раководството на Меморијалот и другите важни граѓански организации во Русија“.

„И сега ја користат војната против Украина како изговор за да ја завршат работата. Сепак, важно е дека нема да успеат“, рече претседателот на норвешкиот Нобелов комитет.

Видете и ова: Руското обвинителство бара три години затвор за ветеран во борбата за човекови права

Организација Меморијал ја доби Нобеловата награда за мир за 2022 година за, како што рече, извонредните напори во документирањето на воените злосторства, кршењето на човековите права и злоупотребата на власта во поранешниот Советски Сојуз, како и во постсоветска Русија.

Во вторникот, непосредно пред објавувањето на пресудата, Орлов повторно се изјасни за невин и рече дека руските власти забраниле „секое независно мислење“.

„Децата и внуците на руските функционери ќе се срамат да кажат каде служеле и што правеле нивните татковци, мајки, дедовци и баби. е најлошата казна и таа е неизбежна“, изјави Орлов.

Во октомври тој беше казнет со 150.000 рубли (околу 1.500 евра) за дискредитација на руската армија во колумна напишана за француското онлајн издание Медиапарт.

Во средината на декември, судот во Москва ја укина таа пресуда и го врати случајот на Орлов на обвинителите, кои се пожалија на „премногу лесната“ казна.

На почетокот на овој месец, истражителите додадоа обвиненија против Орлов, велејќи дека неговите наводни злодела биле мотивирани од „идеолошко непријателство против традиционалните руски духовни, морални и патриотски вредности“.

Тој инаку стана познат како еден од водечките руски активисти за човекови права, откако беше ко-основач на организацијата Меморијал, по распадот на Советскиот Сојуз. Од 2004 до 2006 година, Орлов беше член на Претседателскиот совет за развој на граѓанското општество и институциите за човекови права.

За неговиот придонес за човековите права во Русија, во 2009 година ја доби наградата Сахаров, меѓународна награда за поединци или групи кои го посветиле својот живот на одбраната на човековите права и слободата на изразување.