Од 1 март 2024 година, завршуваат владините мерки за гарантирани цени на прехранбените производи.
Пазарните и трудовите инспектори од задутре ќе бидат на терен и за секое евентуално зголемување на цени што излегува од секоја нормална пазарна логика соодветно ќе реагираме, најави денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Битиќи порача дека секое неетичко однесување на кој био трговец ќе се казни на најсериозен начин. Повторно повика да се изгласа Законот за нефер трговски практики, а ако има потреба да реагират и Комисијата за заштита на конкурентноста и Организацијата за заштита на потрошувачите.
„Јас сум конзистентен, секое неетичко однесување на кој било трговец ќе се казни на најсериозен начин. Што тоа ќе значи знаеме од минатото. Сметаме дека конечно лекцијата е добиена, дека во државата освен добивање бизнис и креирање профит мора да имаме морал и етика кај компаниите. Сметам дека замрзнувањето на цената е една од мерките која не содветствува со пазарната економија, треба да се вратиме во нормалните текови на живеење, а секако останува за бизнисмените и тие да се однесуваат соодветно“, изјави Битиќи.
Видете и ова: Цените европски, а платите балкански, освен за функционеритеСпоред него, Комисијата за заштита на конкурентноста, како и Организацијата за заштита на потрошувачи се најповиканите коишто треба да реагираат секогаш кога има вакви случувања, а најсоодветно решение е да се изгласа законот за нефер трговски практики.
Доколку има потреба, најави дека повторно ќе појде во Комисијата за заштита на конкурентноста и лично ќе поднесе претставка за компаниите. Битиќи беше во Комисијата пред половина година и му беше најавено дека има процедури за да се поднесе претставка.
Министерството за економија веќе најави дека нема да биде продолжена мерката за гарантирани цени која завршува на крајот на месецов и ќе се чека носењето на законот за забрана на нефер трговски практики со кој очекуваат да се стави ред во нелојалната конкуренција во трговијата и да доведе до намалување на цените на прехранбените производи.