„Нема врвна наука без финансии и нема напредно општество со маргинализирање на науката“, порача новиот претседател на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), академик Живко Попов, во неговото експозе, откако на крајот на ноември беше избран за прв човек на Академијата за мандатниот период 2024 – 2027 година.
Тој се осврна на реализираното во 2023 година, како што рече, „извонредно богата и содржајна научно-истражувачка и уметничка дејност“ со вкупно 67 проекти, навремено и успешно реализирани и покрај, како што рече, континуираниот пад на средства за основната дејност на МАНУ.
И покрај „максимално лимитираните буџетски средства“, Академијата лани имала и богата издавачка дејност и објавила 24 изданија со вкупен обем од 7.000 страници. Членовите учествувале на над 90 научни и стручни собири, од кои 63 во странство. Попов посебно го истакна учеството на МАНУ во подготовката на Националната стратегија за развој на Северна Македонија до 2040 година.
И Програмата на МАНУ за 2024, во која се предвидени 84 научно-истражувачки и уметнички проекти од различни области, ќе зависи од одобрениот буџет кој, како што соопшти Попов, за основната дејност на МАНУ е намален за повеќе од 40 отсто во однос на почетокот на претходниот мандатен период.
Соопшти дека фондот за научно-истражувачка и уметничка дејност во 2019 изнесувал 23 милиони денари, постојано се намалувал и во 2024 на Академијата и се доделени само 13 милиони денари.
„Со новото раководство ќе продолжам посветено да работам за Академијата, за понатамошно зајакнување на институционалниот капацитет на МАНУ и нејзиниот дигнитет како највисока, самостојна научна и уметничка институција која скоро 60 години е еден од главните столбови на идентитетот и државноста на македонскиот народ и деловите на другите народи“, истакна Попов.
Во приоритетите на неговата работа тој ги посочи зголемување на бројот на научно-истражувачки проекти, зајакнување на соработката, пред се, со академиите од регионот, дијалог и доверба во самата Академијата и соработка со универзитетите и државните институции, нејзината советодавна функција во општеството и улога на медијатор во решавање на проблемите на Северна Македонија.
Видете и ова: УКИМ има кадар да се најде на Шангајска листа, но нема париВо експозето, Попов вели дека научно-истражувачката работа во Северна Македонија е потценета бидејќи за неа се издвојува само 0,3 отсто од БДП.
„МАНУ треба да биде обединител на општествената наука и да застане на чело на научната јавност во државата за подобрување на состојбите во науката. Исто така, мора да има главен удел и во создавањето квалитетни млади научници“, рече новиот претседател на МАНУ.
Попов вети дека ќе се залага и за формирање посебно Министерство за наука и силен фонд за наука при Владата во кој распределбата на средствата ќе ги прави посебна експертска комисија.
Новиот претседател на МАНУ и новиот состав на нејзиното Претседателство, чиј мандат почна на 1 јануари 2024, беа избрани на собрание на Академијата на 27 ноември 2023