Јулија Навалнаја во своето обраќање пред Европскиот Парламент на 28 февруари рече дека „убиството на нејзиниот сопруг и покажа на јавноста дека со Владимир Путин не може да се преговара“.
Алексеј Навални, како што рече, бил „мачен и гладен“, во сибирскиот затвор.
„И потоа го убија. И после тоа го малтретираа неговото тело и ја малтретираа неговата мајка“, рече таа во своето обраќање пред европските парламентарци, кои ја поздравија со овации.
Таа нагласи дека „убиството“ на нејзиниот сопруг и покажало на јавноста дека „Путин е способен за сè и дека не можете да преговарате со него“.
Навалнаја додаде дека луѓето се шокирани од смртта на нејзиниот сопруг и дека се загрижени дека „Путин не може да биде поразен“.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Навални, кој во моментот на смртта имаше 47 години, беше политички активист во Русија и долгогодишен, истакнат критичар на рускиот претседател Владимир Путин.
Алексеј Навални ќе биде погребан во Москва на 1 март, откако неговиот тим се бореше да најде погребално претпријатие за да го погреба.
Навалнаја им кажа на европските парламентарци дека нејзиниот тим поминал една недела подготвувајќи се за погребот на Навални, додавајќи:
„Погребот ќе биде задутре и сè уште не сум сигурна дали ќе биде мирно или дали полицијата ќе ги уапси оние кои ќе дојдат да му кажат збогум на Алексеј“.
Навалнаја му порача на Европскиот Парламент дека мора да се борат против „криминалната банда“ и рече дека од клучно значење ќе бидат финансиските истраги наместо дипломатските методи.
Таа вели дека „десетици милиони Руси“ се против Путин и не смеат да бидат прогонувани. Таа исто така нагласи дека Путин мора да одговара за тоа што им го направил на Русија, Украина и нејзиниот сопруг.
„Путин мора да одговара за она што и го направи на мојата земја. Путин мора да одговара за она што и го направи на соседната, мирна земја. А Путин мора да одговара и за се што му направи на Алексеј“, рече таа.
На крајот од оддавањето почит на Навални, таа порача:
„Мојот сопруг никогаш нема да види како ќе изгледа прекрасната Русија во иднината, но тоа мора да го видиме. И јас ќе дадам сè од себе за да го остварам неговиот сон, злото ќе падне и ќе дојде убава иднина“.