Графата „националност“ се брише од изводите во матичната книга на родени

илустрација

Уставниот суд донесе одлука со која се укинува делот „националност" во Законот за матичната евиденција, соопшти прес-службата на Судот. Претходно, кон крајот на минатата година, Уставен со времена мерка го укина издавањето изводи со графа „националност“. Со денешната одлука, целосно се укинува оваа графа.

Уставните судии ја донесоа оваа одлука во рамките на предметот оформен по иницијативата поднесена од политичка партија Левица. Уставниот суд на 20 декември 2023 година поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби од Законот за матичната евиденција, бидејќи основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.

Според Судот, изјаснувањето за националната припадност, не е должност, туку можност (незадолжителен податок) со што граѓаните се лишени од правото и да не се изјаснат за својата национална припадност.

Видете и ова: Правна битка меѓу министерот Лога и Уставен за графата националност во изводите

„Оспорените делови на одредбите од Законот за матичната евиденција, за изјаснување на граѓаните за сопствената национална идентификација, без можност за избор да се изјаснат или не, но и да го променат изјаснувањето, неспорно навлегува и во сферата на човековата приватност и личен живот, со што и од овој аспект Судот оцени за согласноста на оспорените делови од законските одредби со член 25 од Уставот“, се наведува во образложението од Уставниот суд.

Впишување националност го воведе министерот за правда Кренар Лога кој во мај минатата година објави упатство за матичните служби врз основа на Закон од 1995 година кој беше оспорен од Левица.

Уставниот суд на 5 јуни 2023 година донесе одлука со која привремено го стави надвор од употреба упатството на министерот, со кое се издава извод на родени во кој има графа за етничка припадност.