Српската премиерка Ана Брнабиќ на 28 февруари изјави дека извештајот на Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) за декемвриските избори во Србија „секако има негативни аспекти“.
„Најважно е што овој извештај по неколкумесечна нестабилност става крај на сите лаги и глупости за кражбата на изборите“, тврди Брнабиќ.
Извештајот на ОДИХР треба да биде објавен во текот на денот. Во Србија на 17 декември се одржаа вонредни парламентарни, покраински и локални избори во 65 градови и општини, меѓу кои и Белград.
Домашни и меѓународни набљудувачи оценија дека имало нерегуларности на изборите, а дел од опозицијата ја обвини владејачката Српска напредна партија (СНС) за изборна кражба. Државниот врв и СНС ги отфрлаат овие наводи.
Брнабиќ, на прес-конференцијата во врска со извештајот на ОДИХР најави дека Владата ќе продолжи да работи со оваа мисија и да ги спроведува нивните препораки.
„Дали се согласуваме со се во овој извештај, секако не, но продолжуваме да ги спроведуваме препораките“, рече таа.
Видете и ова: Повеќе од 20 европски политичари бараат од ЕУ истрага за изборите во СрбијаТаа повтори дека Владата на Србија ја поканила мисијата на ОДИХР да ги набљудува локалните избори во Србија, кои треба да се одржат напролет.
Брнабиќ оцени дека извештајот на ОДИХР е „неспоредливо пообјективен“ од извештаите на некои други меѓународни институции.
„Секој ќе може да види дека нема докази или критики за она што се нарекува кражба на изборите“, тврди Брнабиќ.
Таа тврди дека препораките во извештајот се „многу поблаги отколку во многу земји од Европската Унија“, и затоа смета дека тоа „покажува дека изборите биле транспарентни, фер и во согласност со демократските норми“.
Осврнувајќи се на оценката дека во предизборната кампања била присутна целосната доминација на српскиот претседател Александар Вучиќ, премиерката рече дека таков наратив создала опозицијата.
„Опозицијата ја направи оваа кампања како референдум за тоа дали сте или не за Вучиќ. Се разбира дека тој доминираше, опозицијата направи таков наратив“, смета Брнабиќ.
Видете и ова: Неколку илјади луѓе се собраа на новиот постизборен протест во БелградТаа наведе и дека во извештајот „најпозитивно е оценета работата на Републичката изборна комисија (РИК).
Според неа, Србија имплементирала 54 препораки на ОДИХР во претходните седум години.
ОДИХР во прелиминарниот извештај на 18 декември објави дека изборите ги одбележале нерегуларности, злоупотреба на јавните средства, медиумска доминација на претседателот на државата Александар Вучиќ, негативна кампања и ширење страв.
На 8 февруари, Европскиот Парламент изгласа резолуција со која се бара меѓународна истрага за наводните нерегуларности за време на изборите одржани минатиот декември во Србија, како и суспензија на европските фондови, доколку се докаже дека властите биле директно вмешани во измама на гласачите.
За резолуцијата на Европскиот Парламент за ситуацијата во Србија по изборите гласаа 461 пратеник, против беа 53, а 43 беа воздржани.