Бајден и Трамп победија на партиските избори во Мичиген

Доналд Трамп и Џо Бајден

Актуелниот претседател на Америка, демократот Џо Бајден и републиканецот Доналд Трамп ги освоија партиските гласови во Мичиген за претседателска номинација од нивните партии.

Бајден го победи конгресменот од Минесота Дин Филипс, единствениот сериозен ривал во борбата за претседателската номинација на Демократската партија, објави Гласот на Америка.

Демократите, сепак, внимателно следеа колку гласови ќе добие опцијата „неопределени“ бидејќи Мичиген стана епицентар на незадоволството меѓу поддржувачите и членовите на Демократската партија кои се противат на позицијата на Бајден за војната меѓу Израел и Хамас, која САД и Европската Унија ја смета за терористичка организација.

Пред четири години, благодарение, меѓу другото, на победата од 54 000 гласови во Мичиген, која е една од државите во кои се водат изборните битки, Бајден го трасираше патот до победата и освојувањето на позицијата во Белата куќа.

Бројот на неопределени гласачки ливчиња надмина 10 000, што е приближно разликата со која Трамп го освои Мичиген во 2016 година. Тој број гласови како цел го поставија претставниците на неопределената опција од редовите на демократите на овие партиски избори.

Видете и ова: Победа на Бајден на партиските прелиминарни избори во Јужна Каролина

Ова е петтаа убедлива победа на Трамп во борбата за републиканската номинација. Триумфот во Мичиген над противничката Ники Хејли, поранешена амбасадорка во Обединетите Нации, дојде откако тој победи и во нејзината родна држава Јужна Каролина.

Според проекциите на Едисон Рисрч, Бајден добил околу 79 отсто поддршка, а опцијата „неопределени“ добила 16 отсто. Трамп добил околу 64 отсто од поддршката наспроти 32 отсто подршка за Хејли.

За Бајден, големиот број „неопределени“ гласачи може да значи дека тој е во значителна неволја со делови од демократскиот електорат во државата што тешко може да си дозволи да ја изгуби во ноември.

Видете и ова: Во Ајова републиканците избираат кандидат за претседател: Како функционира и зошто е важно?

Трамп досега имаше слаби резултати со гласачите во предградијата и со луѓе со факултетски дипломи и се соочува со дел од Републиканската партија која верува дека го прекршил законот во еден или повеќе од кривичните случаи кои се во тек против него.

И претставниците на Белата куќа и претставниците на кампањата на Бајден отпатуваа во Мичиген во последниве недели за да разговараат со лидерите на локалната арапска заедница за војната меѓу Израел и Хамас и за пристапот на Бајден кон конфликтот во Појасот Газа.

Сепак, локалните лидери, заедно со организаторите на кампањата за опцијата „неопределени“, не го променија својот став.

Силните напори на граѓаните кои ги охрабрија гласачите да бидат неодлучни како начин да се изрази противење на ставот на Бајден за војната во Газа, беше најзначајниот политички предизвик на Бајден во пратеничката група.