Во главниот град на Албанија, Тирана, денеска (28 февруари) се одржува самитот Украина-Југоисточна Европа, на кој меѓудругите ќе присуствува и украинскиот претседател Володомир Зеленски, кој пристигна во Тирана.
Ова е прва посета на Зеленски на Тирана, која доаѓа само неколку дена по втората годишнина откако Русија започна целосна инвазија на Украина.
Дел од украинската делегација ќе биде и министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба.
На самитот ќе учествуваат и неколку лидери на земјите од Југоисточна Европа и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.
Претседателката Вјоса Османи го претставува Косово на овој самит.
Како што е познато, на самитот ќе бидат присутни и албанскиот премиер Еди Рама, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, претседателот и техничкиот премиер на Северна Македонија, Стево Пендаровски и Талат Џафери, претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто и претседателката на Молдавија, Маја Санду.
Премиерот Албин Курти, кој учествуваше на претходните самити поврзани со планот за раст на ЕУ, оваа недела престојува во Велика Британија.
Видете и ова: Зеленски: Над 31 илјади украински војници убиени во војнатаКако што јавуваат медиумите, Тирана е под силни безбедносни мерки. За самитот се ангажирани речиси 1600 полицајци, вклучително и интервентни тимови и антитерористичката служба, уште 400 припадници на гардата ќе бидат на готовност, а антиексплозивни групи ќе ја следат ситуацијата.
Директорот на Одделот за јавен ред и безбедност на државната полиција на Албанија, Ребани Јакупи, на прес-конференција на 27 февруари најави дека од безбедносни причини и за олеснување на движењето на делегациите, некои патишта во Тирана ќе бидат затворени.
„Во овој контекст, Државната полиција, во соработка со Републиканската гарда и другите органи на прогонот, изработи детален план за мерки за обезбедување на јавниот ред пред, за време и по активностите што ќе се одвиваат во овие два дена“, рече тој.
Екипата на Радио Слободна Европа и ден пред почетокот на самитот забележа бројни полициски единици во близина на локациите каде што ќе се одвиваат активностите.
Инаку на самитот се очекува Зеленски да има повеќе билатерални средби, меѓу кои и со албанскиот премиер Еди Рама и со претседателот Бајрам Бегај.
По самитот на Украина и Југоисточна Европа, в четврток ќе се одржи самитот на Западен Балкан, на кој ќе се разговара за Планот за раст на тој регион. Се очекува и доаѓањето на претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен.