Владата на Латвија (Летонија) на 27 февруари соопшти дека ја продолжила забраната за влез на руски државјани во балтичката земја до март 2025 година. Како причина ја наведуваат руската инвазија на Украина, за која тамошните власти велат дека „продолжува да претставува закана за внатрешната безбедност на Латвија“.
Во соопштението од Кабинетот на премиерката Евика Силина, се наведува дека влезот на руски државјани во Европската унија и Латвија како туристи ќе биде забранет до понатамошно известување, но на некои Руси ќе им биде дозволен влез, вклучително и оние со дозвола за престој, важечка во Латвија или во друга земја-членка на ЕУ или Руси чиј влез е поврзан со хуманитарни причини како што се политички десиденти.
Во септември 2022 година, Полска заедно со другите балтички земји - Естонија, Латвија и Литванија постигнаа заеднички договор за ограничување на бројот на руски државјани кои влегуваат во нивните земји за да се спречат евентуални безбедносни ризици по почетокот на војната во Украина.
Видете и ова: Продолжуваат блокадите на границите и градовите од земјоделците од централна и источна ЕвропаЛатвија, членка на ЕУ и НАТО што се граничи со Русија, е дом на значителен број припадници на етничкото руско малцинство, кое сочинува околу 25 отсто од вкупното население на земјата од 1,9 милиони жители. Балтичката земја порано беше популарно место за одмор, а нејзиниот главен град Рига, популарна викенд дестинација за руските туристи.