Косово и Србија не можат да напредуваат на европскиот пат, доколку нема напредок во имплементацијата на минатогодишниот Договор за нормализација на односите, како и сите останати постигнати во рамките на дијалогот, изјави портпаролот на Европската унија (ЕУ), Петер Стано.
„ЕУ жали за досегашниот ограничен напредок во имплементацијата на Договорот, што може целосно да им се припише на двете страни“, рече Стано во одговорот на Радио Слободна Европа.
Косово и Србија на 27 февруари 2023 година го прифатија Договорот за нормализација на односите врз основа на предлогот на ЕУ, која посредува во дијалогот.
Потоа, на 18 март 2023 година, двете страни се договорија за Анекс документот за негова имплементација.
Вицепремиерот на Косово, Бесник Бислими ја обвини Србија дека одбива да го спроведе Договорот за нормализација на односите и истакна дека официјален Белград не сака да го потпише.
Иако не е потпишан, ЕУ соопшти дека договорот е правно обврзувачки, а обврските кои произлегуваат од него станаа составен дел на европскиот пат за Косово и Србија.
Договорот меѓу Косово и Србија, меѓу другото, предвидува взаемно почитување на независноста и територијалниот интегритет, признавање на документи, дипломи, регистарски таблички, како и продлабочување на соработката на полето на економијата, владеењето на правото, здравството и исчезнатите лица.
Исто така, Србија се обврза да не го блокира членството на Косово во меѓународните организации, додека Косово ја прифати обврската да и обезбеди на српската заедница одредено ниво на самоуправување, односно да формира Заедница на општини со српско мнозинство.