Приоритет за издавање пасош ќе имаат превозниците кои вршат патнички товарен транспорт и од Министерството за транспорт и врски имаат сертификат за професионален возач, соопшти ресорниот министер Благој Бочварски.
Владата на седница попладнево ја усвои информацијата на Министерството за пасошите на превозниците, соопшти министерот.
Цената ќе биде за редовна постапка за возачите да не бидат оптоварени финансиски да плаќаат за итна постапка, додаде Бочварски.
Претходно превозниците на средба со министерот побараа да се забрза процесот за добивање пасоши за нивните членови.
Министерот Бочварски во изјава за МИА соопшти дека Владата на седница го задолжила Министерството за внатрешни работи кое веќе утре од Министерството за транспорт и врски ќе го добие списокот на возачи со сертификат кои немаат патна исправа. Здруженијата на транспортери, рече Бочварски, до нив доставиле список со 120 возачи, дел од нив веќе се во постапка за издавање пасош, а дел треба да ја почнат постапката.
Видете и ова: Министрите во промотивни видеа загрозија лични податоци на граѓаните
Тој очекува за десетина дена да биде завршена процедурата од започнување до издавање на пасоч на возачите.
Во земјава има околу 16 000 возачи со сертификат за професионален возач издаден од Министерството за транспорт и врски.
Пасошите со името Република Македонија не важат по 12 февруари годинава. Обврската за промена на личните документи со новото уставно име произлезе од Преспанскиот договор што Северна Македонија и Грција го потпишаа во 2018 година.
За термини за нов пасош се чека со месеци, фалеа и обрасци, па и оние кои се фотографирале за нови документи чекаат да си го подигнат.