Лајчак - Многу прашања за уредбата на ЦБК за динарот остануваат неодговорени

Претставникот на Европската унија за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак.

Претставникот на Европската унија за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, на 27 февруари, рече дека разговорите за указот на Централната банка на Косово (ЦБК) за забрана на употребата на српскиот динар на Косово се „важен прв чекор“, но дека „многу политички прашања остануваат неодговорени“.

Со негово посредство денеска во Брисел се сретнаа претставниците на Приштина и Белград.

„Ќе бидат потребни дополнителни состаноци“, рече Лајчак во објава на мрежата „Х“.

Тој не појасни дали двете страни имаат некаков договор, но ја поздрави нивната посветеност за изнаоѓање одржливо решение за заедниците погодени од декретот на Централната банка на Косово.

Гувернерот на Централната банка на Косово, Ахмет Исмаили, рече дека на состанокот во Брисел не се разговарало за регулативата со која се забранува употребата на српскиот динар во Косово, туку се претставени технички модели за тоа како Србија може да продолжи со финансирањето од нејзините буџет преку законски и транспарентни канали.

Тој посочи дека предлогот бил да се плаќа на банкарските сметки на корисниците во евра, „како што Централната банка на Косово и предложила на Народната банка на Србија“.

„Не прифативме други разговори“, рече Исмаили.

Регулативата на Централната банка на Косово, која стапи на сила на 1 февруари, го предвидува еврото да е единствена валута за готовинско плаќање во Косово и забранува употреба на српскиот динар.

Според Европската унија, оваа одлука предизвикала практични проблеми на српската заедница во Косово, која го користела динарот и добивала помош од Србија во таа валута.

Затоа Европската унија денеска одржа состаноци за да се најде решение за ова прашање.

Сепак, разговорите со посредство на пратеникот на Европската унија за дијалог Мирослав Лајчак завршија без конкретни резултати.

Видете и ова: Во Брисел состаноци за користењето на динарот на северот на Косово


Главниот преговарач на Србија, Петар Петковиќ, изрази уверување дека тоа е проблем што треба да се реши на политичко ниво.

„Средбата покажа дека одлуката на таканаречената Централна банка на Косово подразбира решение на политичко ниво. Затоа јас бев тука, но не и Бислими [Бесник, главен преговарач на Косово]. Последиците од таквата одлука се политички“, изјави Петковиќ.

„Точно е дека за динарот никогаш досега не се разговарало во дијалогот, но со оглед на тоа што одлуката на таканаречената Централна банка на Косово директно ги засега Србите, се разбира за тоа ќе се разговара во Брисел“, додаде Петковиќ.

На заедничката средба присуствуваа само финансиски експерти од Приштина и Белград.