Агелер - Изборната кампањата да се фокусира на суштински прашања, а не на лични напади

Анџела Агелер, американска амбасадорка во Северна Македонија

Изборите се за граѓаните, но и за иднината на државата, порача американската амбасадорка Анџела Агелер на 27 февруари.

Таа се надева дека изборната кампањата ќе се фокусира на суштинските прашања, а не на лични напади, затоа што, како што вели, луѓето се уморни од негативности.

„Дури тогаш гласачите ќе можат да направат избор меѓу кандидатите за оние за кои веруваат дека најдобро ќе им помогнат да ги остварат своите надежи и соништа за себе, нивните деца и нивното општество“,, изјави Агелер за порталот PRESSonline.al.

Таа вели дека се надева оти овие одлуки ќе ја доближат државата до целосна интеграција во европската заедница.

Американската амбасадорка вели дека владините институции треба да воспостават процеси за слободни и фер избори за претседателските и парламентарните избори.

„Гласачите мора да се информираат преку сигурни извори на информации, а да ги препознаат и отфрлат сите дезинформации и манипулации. И што е најважно, гласачите мора да гласаат! Демократијата функционира кога сите ја исполнуваме нашата обврска. Моите очекувања за изборите се исти како и оние на гласачите, а тоа е целиот процес, од периодот на кампањата до формирањето на идната влада, да се одвива на транспарентен начин, преку кој ќе се обезбедат слободни и фер избори“, рече Агелер.

Првиот круг од претседателските избори се закажани за 24 април, а на 8 мај ќе се одржат вториот круг од претседателските и парламентарни избори.