Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека Алијансата не планира да испрати борбени трупи во Украина. Тој рече дека земјите-членки на НАТО и даваат поддршка без преседан на Украина.
„Тоа го правиме од 2014 година. Меѓутоа, нема планови за распоредување борбени трупи на НАТО во Украина“, рече Столтенберг.
Отфрлајќи ја можноста за воена акција на НАТО, Столтенберг повтори дека рускиот напад врз Украина сериозно го крши меѓународното право и дека врз основа на тоа, украинската страна има право на самоодбрана.
„НАТО има право да ја поддржи Украина да се брани од руската агресија“, рече Столтенберг.
Претходно пак, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изјави дека појавувањето на војници на НАТО на територијата на Украина ќе доведе до директен конфликт со Русија и ескалација на ситуацијата.
Видете и ова: Кремљ го отфрли предлогот за мировни разговори во Швајцарија, без РусијаОсврнувајќи се на вчерашната изјава на францускиот претседател Емануел Макрон дека нема консензус за испраќање војници на европските земји во Украина, но дека „ништо не треба да се исклучи“, портпаролот на Кремљ кажа дека дискусиите на западните земји за можноста за испраќање свои војници во Украина претставува нов, многу важен елемент.
„Сите други елементи во говорот на францускиот претседател веќе се претставени на еден или друг начин и веќе ги зедовме предвид“, рече тој, додавајќи дека Москва добро ја знае позицијата на Макрон - „на Русија треба да и се нанесе стратешки пораз."
По вчерашната конференција за Украина во Париз, Макрон изјави дека нема консензус за испраќање војници од европските земји во Украина, но нагласи дека „ништо не треба да се исклучува“.
Видете и ова: Макрон не ја исклучува можноста за распоредување француски трупи во Украина„Во моментов нема консензус за испраќање војници. Ништо не треба да се исклучи. Ќе направиме се за Русија да не победи“, рече Макрон на прес-конференција, пренесоа медиумите.
На самитот во Париз присуствуваа околу 20 европски лидери, а Елисејската палата соопшти дека целта на состанокот беше да му се испрати на рускиот претседател Владимир Путин „порака дека Европа е решена да и помогне на Украина и да се спротивстави на „наративот на Кремљ“ дека Русија мора победи во војната, која влезе во третата година“.