Рускиот активист за човекови права Орлов осуден на две и пол години затвор

Активистот за човекови права Олег Орлов во судницата за време на читањето на пресудата, Москва, 27 февруари 2024 година

Рускиот активист за човекови права, ветеранот Олег Орлов во вторник (27 февруари) беше осуден на две и пол години затвор, откако судот во Москва го прогласи за виновен за дискредитација на руските вооружени сили, процес што меѓународните набљудувачи го осудија како политички мотивиран.

Седумдесетгодишниот Орлов повеќе од две децении беше еден од водачите на групата за човекови права Меморијал. Таа организација ја доби Нобеловата награда за мир во 2022 година, една година откако беше забранета и распуштена во Русија.

Обвинителството побара од Головинскиот окружен суд во Москва да го осуди Орлов на две години и 11 месеци затвор, обвинувајќи го за постојано „дискредитирање“ на руската армија поради инвазијата на Украина.

Околу 200 поддржувачи чекаа во ходникот пред судницата за да се простат од него.

Орлов беше обвинет за дискредитација на руската војска во колумна напишана за француското онлајн издание Медиапарт и беше осуден во октомври по првото судење.

Казната беше релативно лесна казна и обвинителите побараа ново судење.

Видете и ова: Руското обвинителство бара три години затвор за ветеран во борбата за човекови права

Додека другите активисти бегаа од се посуровата репресија, Орлов остана во Русија, велејќи дека е „покорисен“ таму, отколку во странство.

Орлов, чие повторно судење започна на 16 февруари, дојде во судот држејќи копија од романот „Процес“ на Франц Кафка, во кој се зборува за човек кој бил уапсен и суден за обвиненија за кои не знаел.

Тој неодамна за АФП изјави дека кариерата помината работејќи на историската меморија на советските злосторства и кршењето на човековите права во модерна Русија - особено во Северен Кавказ - не му оставила друг избор освен да води кампања против офанзивата во Украина.

Видете и ова: Руската Дума поддржа конфискација на имот на оние кои се противат на војната

Меморијал организацијата се етаблираше како клучен столб на руското граѓанско општество со зачувување на споменот на жртвите на комунистичката репресија и кампања против кршењето на човековите права.

Организацијата беше официјално распуштена од руските власти кон крајот на 2021 година и ја доби Нобеловата награда за мир во 2022 година заедно со водечка украинска група за човекови права и ветеран белоруски активист.