ДИК: Бујар Османи ги собра потребните потписи за претседателска кандидатура

Прес конференција на ДИК (архивска фотографија)

Според најновите објавени податоци на Државната изборна комисија (ДИК) заклучно со вчерашниот ден (26 февруари) до 20 часот вкупно 38 396 граѓани дале потпис за подносителите на кандидатура за претседател на државата. Според објавените податоци на ДИК, досега потребните 10 илјади потписи од граѓаните ги собрал Бујар Османи, кандидат на Демократската унија за интеграција (ДУИ) за кого се потпишале 10 528 граѓани.

Според пресекот на ДИК, по Османи најблиску со собирање на потребните 10 000 потписи на граѓани се лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, кандидатот на опозицискиот блок „Вреди“, Арбен Тарвари, кандидатката поддржана од партијата Левица, Билјана Ванковска-Цветковска и кандидатот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски.

Видете и ова: Никој не сака да остане без претседателски кандидат на двојни избори

Постапката за собирање потписи, која почна на 23 февруари ќе трае непрекинато секој ден од 8 до 20 часот, а последниот ден на 8 март ќе работат до 24 часот. Собирањето потписи се одвива во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари.

Кога подносител на листа на кандидат за претседател е група избирачи, потребно е да се соберат најмалку 10 000 потписи од запишаните избирачи во Избирачкиот список, додека кога подносител на листа на кандидат за претседател се пратеници, потребно е да се соберат најмалку 30 потписи од пратениците.

Учесниците на изборите, листите со кандидати за претседател на државата треба да ги достават до ДИК најдоцна до 19 март, на полноќ. Рокот за собирање потписи се однесува и за претседателските и за парламентарните избори.