Унгарскиот парламент во понеделникот гласаше за ратификување на кандидатурата на Шведска за приклучување кон Североатланската алијанса (НАТО), ставајќи крај на повеќе од 18-месечните одложувања што ја фрустрираа Алијансата додека се обидува да се прошири како одговор на руската војна во Украина, објави АП.
Гласањето, кое помина со 188 гласа „за“ и шест „против“, дојде како кулминација на повеќемесечните „натегања“ на сојузниците на Унгарија за да ја убедат унгарската влада да ја укине блокадата за членство на Шведска.
Владата на премиерот Виктор Орбан ги достави до парламентот протоколите за одобрување на влезот на Шведска во НАТО во јули 2022 година, но работата заглави во парламентот поради противењето на претставниците на владејачката партија.
Приемот на нови земји бара едногласна поддршка од сите членки на НАТО, а Унгарија е последната од 31 членка на алијансата која ја даде својата поддршка откако Турција го ратификуваше барањето минатиот месец.
Видете и ова: Унгарскиот парламент треба да одлучи за кандидатурата на Шведска за НАТОШведскиот премиер Улф Кристерсон го нарече „историски ден“.
„Подготвени сме да го преземеме нашиот дел од одговорноста за безбедноста на НАТО“, напиша Кристерсон на платформата X (поранешен Твитер).
Орбан, за кој АП вели дека е десничарски популист кој има блиски врски со Русија, рече дека критиките на унгарската демократија од страна на шведските политичари ги влошиле односите меѓу двете земји и доведоа до неподготвеност кај пратениците во неговата партија Фидес.
Но, гласањето во понеделникот ја отстрани последната пречка за членство на Шведска, која, заедно со соседна Финска, првпат поднесе барање за приклучување кон Алијансата во мај 2022 година, само неколку месеци по почетокот на целосната инвазија на Русија врз Украина
„Воената соработка меѓу Шведска и Унгарија и приемот на Шведска во НАТО ја зајакнуваат безбедноста на Унгарија“, рече Орбан на 26 февруари.
Сојузничките притисоци
Орбан ја критикуваше Европската унија и сојузниците од НАТО за зголемениот притисок врз неговата влада во последните месеци.
Неколку луѓе се обидоа да интервенираат однадвор во решавањето на нашите спорови (со Шведска), но тоа не помогна, туку го отежна проблемот“, рече Орбан.
„Унгарија е суверена земја, таа не толерира да и диктираат други, било да е тоа содржината на нејзините одлуки или нејзиниот распоред“, додаде тој.
Минатиот викенд, двопартиска група американски сенатори ја посети Унгарија и најави дека ќе поднесат заедничка резолуција до Конгресот со која ќе го осудат наводното унгарско назадување на демократијата и ќе ја повикаат владата на Орбан веднаш да ја укине блокадата на трансатлантската интеграција на Шведска.
Но, во петокот, Улф Кристерсон, шведскиот премиер, се сретна со Орбан во унгарската престолнина каде се чини дека постигнале договор за помирување по неколкумесечна дипломатска тензија.
По средбата, лидерите најавија склучување договор за одбранбената индустрија, кој ќе вклучува купување на четири авиони ЈАС 39 Групен (JAS 39 Gripen) од шведско производство од Унгарија и продолжување на договорот за услуги за постојната флота Грипен.
Видете и ова: Орбан најави договор за одбранбената индустрија со ШведскаОрбан рече дека дополнителните борбени авиони „значително ќе ги зголемат нашите воени капацитети и дополнително ќе ја зајакнат нашата улога во странство“ и ќе ја подобрат способноста на Унгарија да учествува во заедничките операции на НАТО.
„Да се биде членка на НАТО заедно со друга земја значи дека сме подготвени да умираме еден за друг“, рече Орбан.
„Договорот за одбранбени и воени капацитети помага да се врати довербата меѓу двете земји“, додаде унгарскиот премиер.
Потребен е потписот на новиот претседател
Гласањето за прием на Шведска во НАТО во понеделникот беше само едно прашање на агендата на претставниците во унгарскиот парламент.
Беше одржано и гласање за прифаќање на оставката на претседателката Каталин Новак, која поднесе оставка на почетокот на овој месец по скандалот со нејзината одлука да помилува човек осуден за прикривање на серија сексуални злоставувања на деца.
По прифаќањето на оставката на Новак, претставниците треба да го потврдат Тамаш Суљок, претседателот на Уставниот суд на Унгарија, за нов претседател на државата.
Видете и ова: Претседателката на Унгарија поднесе оставка поради случај со помилувањеТој официјално треба да ја преземе функцијата на 5 март.
Некои опозициски партии рекоа дека нема да учествуваат во гласањето за потврдување на новиот претседател и повикаа на директни претседателски избори.
Но, Суљок беше номиниран од партијата Фидес на Орбан, која има двотретинско мнозинство во парламентот и се очекува лесно да го одобри неговото претседателствување.
Потребен е претседателски потпис за официјално да се потврди одобрувањето на кандидатурата на Шведска за членство во НАТО, што се очекува да се случи во следните неколку дена.