Украинската амбасадорка Дир: Руската агресија не е само војна против Украина, туку и против демократскиот свет

Конференција „Украина – две години хероизам“, Скопје 26 Февруари 2024

Оваа војна на Руската федерација не е само војна против Украина, туку и против демократскиот свет, против земјите на НАТО, порача украинската амбасадорка во земјава Лариса Дир на денешната конференција „Украина – две години хероизам“, во организација на Амбасадата на Украина, во соработка со ЦИВИЛ – Центар за слобода, а по повод две годишнината од неоправданата руска агресија во Украина.

Дир на почетокот од својот говор се осврна на историјата која ги спојува Русија и Украина, истакнувајќи дека „неказнувањето на Кремљ за злосторствата извршени во Буча, Ирпин, Мариупол, Изум и Авдијивка предизвика само дополнителни злосторства“. Дир уште еднаш испрати повик за продолжување на помошта за Украина од страна на меѓународните партнери.

„Украина апелира до партнерите да ја зајакнат одбранбената поддршка, ни треба оружје, заедничко производство на оружје за одбрана. Треба да ги прошириме одбранбените коалиции за да обезбедиме безбедност. Неопходно е да се зајакнат санкциите против руската федерација и да се спроведат, особено, за да нема индиректно финансирање на производството на ракети кои летаат над главите на Украинците и ја палат украинската земја“, нагласи Дир.

Конференција „Украина – две години хероизам“, Скопје 26 Февруари 2024

Покрај Дир, на настанот посветен на војната во Украина свое обраќање имаа и повеќе министри, како и амбасадори во земјава, а претседателот Стево Пендаровски потсети дека позицијата на Северна Македонија не е променета и две години од почетокот на агресијата.

„Заедно со сојузниците во НАТО Алијансата постојано вложуваме напори, помошта за Украина, којашто и е повеќе од потребна, да не се одлага заради внатрешнополитичката динамика во државите сојузнички“, рече Пендаровски.

Покрај Пендаровски свое вклучување преку видео-врска имаше и техничкиот премиер Талат Џафери, а на говорницата зборуваа уште и евроамбасадорот Дејвид Гир, министерот за надворешни работи Бујар Османи, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, заменик народниот правобранител Јован Андоновски, како и вицепремерката за добро владеење Славица Грковска.

Видете и ова: Пендаровски: Заедно со сојузниците во НАТО вложуваме напори да не се одлага помошта за Украина

Покрај тоа што на настанот беа присутни амбасадори на повеќе земји во Северна Македонија, како американската амбасадорка Анџела Агелер и холандскиот амбасадор Оливер Вархеји, присуствуваа и повеќе украински граѓани, како и членови на здружението „Лесја Украинка“.

Токму десетици Украинци, во организација на здружението „Лесја Украинка“, учествуваа на саботниот марш во центарот на Скопје, по повод одбележување на двегодишнината од руската целосна инвазија врз Украина.

На протестот беше запалена фотографија од Путин, а организаторот побара воена помош за земјата зафатена од војна.