Војната во Украина е најголемата закана за мирот и за европската безбедност, чијшто исход ќе влијае врз поредокот, не само на нашиот континент, туку и во меѓународните односи низ годините што доаѓаат. Војна којашто ќе покаже дали годините на демократски развој во Европа, по крајот на Студената војна, се залудно потрошени за реализација на една апстрактна идеја или, пак, демократијата сè уште е жилава и доволно силна да покаже отпорност кон ретроградните и авторитарни режими и предизвиците коишто тие ги создаваат, истакна претседателот Стево Пендаровски на конференцијата „Украина – две години хероизам“ во организација на Амбасадата на Украина, во соработка со ЦИВИЛ – Центар за слобода.
Пендаровски истакна дека оваа војна ќе покаже дали примената на сила ќе стане основниот принцип којшто треба да ја одредува природата на односите меѓу државите и во ова столетие или ќе остане на сила она што е запишано во Повелбата на Обединетите Нации дека земјите членки се рамноправни меѓу себе, независно дали се мали или големи.
Ние, додаде тој, уште од првиот ден на агресијата се солидаризиравме и сочувствувавме со страдањата на милионите Украинци и бевме меѓу првите земји, коишто понуди воена, техничка и хуманитарна помош, којашот гласно се спротивстави на погазувањето на независноста, територијалниот интегритет и суверенитетот на Украина.
„Нашата позиција не е променета и две години од почетокот на агресијата. Заедно со сојузниците во НАТО Алијансата постојано вложуваме напори, помошта за Украина, којашто и е повеќе од потребна, да не се одлага заради внатрешнополитичката динамика во државите сојузнички“, рече Пендаровски.
Видете и ова: Зеленски: Над 31 илјади украински војници убиени во војнатаСпоред него, успесите на Украина денес не зависат само од волјата и од потенцијалите на украинската армија, туку и од финансиската, логистичката и, пред сè, воената помош којашто таа мора да ја добива.
„Секоја поинаква калкулација во овој контекст, ќе доведе до уште поголеми страдања, разрушувања во Украина и неизвесност за сите нас“, рече Пендаровски.
Во говорот на конференцијата тој информираше дека за два дена од денес, во Тирана, ќе учествува на самитот „Украина – Југоисточна Европа“, каде што заедно со неговите колеги ќе се сретне со претседателот на Украина Володимир Зеленски.
Целта е да се реафирмираме нашата јасна позиција за продолжување на помошта за Украина, поддршка за процесот на обнова на разрушените делови и за носење пред лицето на правдата на сите одговорни за ужасните злосторства со што ќе им дадеме барем малку утеха на најблиските на жртвите.