Соединетите Држави ги осудуваат „лажните“ парламентарни и локални избори на режимот на Александар Лукашенко што се одржаа вчера во Белорусија во „атмосфера на страв во која ниту еден изборен процес не може да се нарече демократски“, соопшти Стејт департментот.
„Режимот сè уште држи повеќе од 1400 политички затвореници, сите независни политичари се или во притвор или во егзил, а на сите независни политички партии им беше одбиена регистрацијата“, се наведува во соопштението на Стејт департментот.
Исто така, се наведува дека Белорусите кои живеат во странство може да гласаат само доколку се вратат во Минск, каде што „најверојатно ќе се соочат со репресии“ од режимот.
Освен тоа, „режимот ја спречи Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) да ги набљудува изборите, дополнително ограничувајќи ја транспарентноста која е клучна за слободни и фер избори.
„САД ја препознаваат силата, издржливоста и храброста на белоруското граѓанско општество и демократското движење, кои бараат глас во одредувањето на иднината на нивната земја. САД уште еднаш го повикуваат режимот на Лукашенко да ја прекине својата репресија, да ги ослободи сите политички затвореници и да отвори дијалог со своите политички противници. Белорускиот народ заслужува подобро“, се нагласува во соопштението.
Видете и ова: Белорусија одржува општи избори, опозицијата повикува на бојкотВо Белорусија вчера (25 февруари) се одржаа парламентарни и локални избори на кои граѓаните избраа 110 пратеници во националниот парламент и околу 12 000 претставници на локалните собранија.
Изборната комисија во Минск по затворањето на гласачките места соопшти дека изборите поминале без инциденти и дека излезноста била 72,98 отсто.
На вчерашното гласање Лукашенко изјави дека планира повторно да се кандидира за претседател во 2025 година. Лидерката на опозицијата во егзил Светлана Тихановскаја повика на бојкот на изборите.
„Денешните таканаречени избори на белорускиот режим не исполнуваат никакви демократски стандарди, тие се повеќе како воена операција против сопствените граѓани, Уставот и здравиот разум“, објави Тихановскаја на Х.