Српската премиерка Ана Брнабиќ изјави дека во Белград веројатно ќе се организираат нови, а не повторени избори, додавајќи дека е сигурна дека на претходните, „ниеден единствен глас не е украден“, и дека никогаш нема да прифати меѓународна истрага за изборите од 17 декември.
„Иако резултатите од испитувањата на јавното мислење покажуваат дека резултатите од новите избори би биле речиси идентични со декемвриските, лично сметам дека листата „Александар Вучиќ – Србија не смее да запре“, би остварила убедлива победа и дека би можела самостојно да ја формира власта“, рече Брнабиќ во гостувањето на ТВ Прва.
Дел од опозицијата во Србија ја обвинува власта за изборна кражба, но државниот врв и владејачката Српска напредна страна негираат.
Како што пренесува Бета, Брнабиќ повтори дека најдобро решение за кризата во Белград би било да се „формира власт, зашто во спротивно беспотребно ќе се изгубат најмалку шест месеци.“
Премиерката рече дека декемвриските избори биле легитимни, како и дека, особено во Белград, имало силна контрола и дека „мува не можела да прелета, а камоли да се украде нешто“.
Таа рече дека тие би можеле да формираат мнозинство, но оти математиката не е политика, па најреално е да се одржат нови избори.
Таа додека дека, колку што и е познато, првпат се случува опозицијата во некоја земја од странците да бара меѓународна истрага, што значи укинување на суверенитетот и суспендирање на институциите.
Европскиот парламент на 8 февруари усвои Резолуција со која се бара меѓународна истрага за наводните нерегуларности на изборите во Србија, како и суспензија на европските фондови, доколку се докаже дека властите биле директно вмешани во изборна измама.
ОДИХР во прелиминарниот извештај соопшти дека изборите ги обележале нерегуларности, злоупотреба на јавни средства, медиумска доминација на претседателот на земјата Александар Вучиќ, негативна кампања и ширење страв.
Вонредните парламентарни, покраински и локални избори во 65 општини и градови, вклучувајќи го и Белград, се одржаа на 17 декември.