Вкупно 14.360 граѓани дале потпис, заклучно со вчера(24 февруари), за подносителите на кандидатура за претседател на државата, покажуваа податоците на Државната изборна комисија (ДИК).
Според ДИК, најмногу потписи има Бујар Османи, кандидат на Демократската унија за интеграција (ДУИ) за кого се потпишале 5.405. Втор на листата е лидерот на ЗНАМ-За наша Македонија, Максим Димитриевски со 3.613 собрани потписи. Кандидатката поддржана од партијата Левица, Билјана Ванковска-Цветковска има собрано 2.758 потписи, а кандидатот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски има 1.974 потписи.
Сите останати на листата од 11 кандидати за шеф на државата имаат по помалку од илјада потписи - Вело Марковски има 249 потписи, а кандидатот на опозицискиот блок на албански партии Арбен Тарвари 246 потписи. Според податоците од ДИК, во овие два дена, ниту еден потпис нема за кандидатот Томе Николоски.
Кандидатот за претседател треба да собере 10.000 потписи од запишаните избирачи во Избирачкиот список, а доколку го предложиле пратениците, тогаш потребно е да се соберат најмалку 30 потписи од пратениците.
Постапката за собирање потписи почна на 23 февруари и ќе трае непрекинато секој ден од 8 до 20 часот, а последниот ден на 8 март ќе работат до 24 часот.
Собирањето потписи се одвива во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари.
Видете и ова: Никој не сака да остане без претседателски кандидат на двојни избори
Претседателските избори се закажани за 24 април, а вториот круг е на 8 мај кога треба да се одржат и парламентарните избори.