Украина минатата година тројно го зголеми производството на оружје, рече украинскиот министер за стратешка индустрија, Олександар Камишин. Изјавата доаѓа во истовреме кога министерот за одбрана Рустем Умеров предупредува дека околу половина од одбранбената помош од Запад доцни.
Камишин на 25 февруари, за време на конференцијата во Киев, рече дека околу 500 компании моментално работат во одбранбениот сектор на Украина, од кои 100 се во државна сопственост, а 400 се приватни, и дека земјата планира „значително да го зголеми производството на муниција“ оваа година.
Киев бара начини да ја зајакне својата одбрана против Москва и двегодишната инвазија, која вклучува зголемување на домашното производство, како и иновации.
Во посебно обраќање, министерот за дигитални прашања, Михаило Федоров, истакна дека 90 отсто од беспилотните летала што се користат на фронтот против руските сили се произведени во Украина.
Министерот за одбрана Рустем Умеров на форумот посветен на втората годишнина од руската инвазија предупреди дека половина од воената помош што пристигнува од Запад доцни.
Украина, која има проблеми со недостаток на муниција, со месеци предупредува дека помошта од Запад бавно доаѓа до неа и дека тоа има реални последици за нивната борба против Русија.
„Во моментов, посветеноста не значи испорака. Околу педесет проценти од договорената помош не стигнува навреме“, рече тој.
Умеров оцени дека тоа претставува дополнителен проблем за Украина во „математиката на војната“ против Русија, за која Западот се повеќе вели дека гради воена економија.
Тој смета дека доцнењето на помошта значи дека Киев „ќе изгуби луѓе и територии“, особено поради, како што наведе, „супериорноста во воздухот“ на Русија.
„Правиме сè што е можно и невозможно, но без навремено снабдување е многу тешко“, рече министерот.
Киев беше ослабен во последните недели поради недостаток на муниција, додека виталната помош што требаше да пристигне од Соединетите Држави беше блокирана поради политичките несогласувања во Конгресот.