Ќе има протести доколку платите на здравствените работници не се усогласат со минималната плата, најави Независниот синдикат на здравствени работници, административен технички персонал и технички персонал.
Планот е протестот да се одвива за време на паузи, а здравствените установи да бидат затворени по три часа во текот на денот кога ќе примаат само итни случаи, рече на денешната прес-конференција националниот координатор на Независниот синдикат Боби Бојчевски.
Што од ова ќе биде спроведено, зависи како ќе се договорат претставниците на синдикалната организација овие денови.
Видете и ова: Демири: Во предизборие нема промени во здравствениот систем
„Да не се игра со чувствата на вработените во здравството, уште еднаш да не бидеме изманипулирани, бараме правилно и законски да се исплати платата согласно со Законот за минимална плата. Ова наше барање е основано и во согласност со Законот за минимална плата, нагласи Бојчевски.
Тој вели дека во Законот за минимална плата е наведено дека колективните договори треба да се усогласат во рок од шест месеци, но колективниот договор за здравствена дејност не е усогласен со законот за минимална плата, освен за работните места со најнизок степен на сложеност.
Синдикатот бара како основа за пресметка на платата на здравствените работници, да биде минималната плата, помножена со коефициентот на работното место.
Од Независниот синдикат изминатата година неколкупати протестираа поради аномалии во колективните договори и ниските плати.
Пред три дена заменик министерката за здравство Маја Манолева, рече дека во март повисоки плати ќе добијат лекарите, помошно-техничкиот персонал и административните службеници во согласност со Законот за минималната плата. Таа рече дека ќе има усогласување на минималната плата не само на здравствените работници туку и на сите други, помошно-техничкиот персонал и административните службеници во здравствениот сектор.