Белорусија одржува општи избори, опозицијата повикува на бојкот

Постери со политичари за изборите во Белорусија.

Белорусија одржува строго контролирани парламентарни избори под силно обезбедување на избирачките места и во услови на повици за бојкот на опколената опозиција во земјата.

Изборите на 25 февруари се очекува да ја зацврстат позицијата на авторитарниот лидер во земјата, Александар Лукашенко. Само четири партии, од кои сите ја поддржуваат политиката на Лукашенко, беа официјално регистрирани за да се натпреваруваат на изборите - Белаја Рус, Комунистичката партија, Либерално-демократската партија и Партијата на трудот и правдата. На десетина партии им беше одбиена регистрацијата минатата година.

Лидерката на белоруската опозиција Свјатлана Циханускаја, која тврди дека нејзината победа над Лукашенко на претседателските избори во 2020 година е украдена, ги опиша изборите како „фарса“ и повика на бојкот.

„Нема луѓе на гласачкото ливче кои би понудиле вистински промени, бидејќи режимот дозволи да учествуваат само марионети погодни за него“, рече Циханускаја во видео објава. Таа се наоѓа во егзил во Литванија, каде што се пресели по бруталното задушување на протестите против резултатите од изборите во 2020 година.

„Повикуваме да ја бојкотираме оваа бесмислена фарса, да ги игнорираме овие избори без избор.

Општите избори се првите што ќе се одржат во Белорусија по претседателските избори во 2020 година, на кои Лукашенко го доби шестиот мандат на функцијата. Повеќе од 35.000 луѓе беа уапсени во повеќемесечните масовни протести кои следеа по контроверзните избори.

Лукашенкo, денеска по гласањето им рече на новинарите дека планира повторно да се кандидира за претседател во 2025 година.

„Кажете им на (опозицијата во егзил) дека ќе се кандидирам“, рече Лукашенко, пренесе државната новинска агенција Белта.

Пред гласањето, Централната изборна комисија (ЦИК) на земјата објави рекорден број на предвремено гласање, кое започна на 20 февруари. Речиси 48 отсто од регистрираните гласачи веќе гласале до 24 февруари, според ЦИК, засенувајќи ги речиси 42 отсто евидентирано предвремено гласање за спорните претседателски избори во 2020 година.

Набљудувачите, на предвременото гласање гледаат како на механизам користен од белоруските власти за фалсификување на изборите. Белоруската опозиција соопшти дека процесот на предвремено гласање овозможува манипулација со гласањето, при што гласачките кутии се незаштитени во период од пет дена.

Центарот за човекови права Вијасна тврди дека многу гласачи биле принудени да учествуваат во предвременото гласање, вклучувајќи студенти, војници, наставници и други државни службеници.

Видете и ова: Лукашенко предлага вооружени полициски патроли низ градовите во Белорусија


„Властите ги користат сите расположливи средства за да го обезбедат резултатот што им е потребен, од емитување ТВ пропаганда до принудување на гласачите да гласаат предвреме“, рече претставникот на „Вијасна“, Павел Сапелка.
„За време на гласањето се случуваат притвори, апсења и претреси“, вели тој.

Многу пред гласањето, организациите за човекови права открија прекршувања во врска со тоа како биле формирани локални изборни комисии. Експертската мисија организирана од Белорускиот Хелсиншки комитет и Вијасна кон крајот на јануари соопшти дека помалиот број на локални изборни комисии и нивните состави може да укаже на поголема контрола од страна на властите врз изборниот процес и напор да се натрупаат комитетите со владини лојалисти.

Гласачките места беа отворени во 8 часот по локално време, а гласањето ќе продолжи до 20 часот.