Телото на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални ѝ е предадено на неговата мајка, соопшти Иван Жданов, поранешен шеф на Антикорупциската фондација на Навални.
Во денешната објава на Телеграм, Жданов им се заблагодари на сите што ги повикаа руските власти да ѝ го предадат телото на Навални на Људмила Навалнаја.
Жданов претходно сподели фотографија од жалбата на адвокатот на Навалнаја до Истражниот комитет Јамал за кривично дело сквернавење, бидејќи телото на Навални не било предадено.
Во жалбата, од 23 февруари, е цитиран член од законот за погреби.
„Во согласност со православните канони, вообичаено е да се погребува телото на починатиот на третиот ден. Од денес, поминаа 8 дена од смртта на Навални, но до денес телото не е погребано“, се тврди во текстот.
Вдовицата на Навални, Јулија Навалнаја, исто така даде изјава за неуспехот на затворските власти да го ослободат телото на нејзиниот сопруг, во која го обвини претседателот Владимир Путин дека го исмева христијанството обидувајќи се да ја принуди Људмила Навалнаја да се согласи на таен погреб по неговата смрт во казнена колонија.
Затворениот руски опозициски лидер Алексеј Навални на 16 февруари беше пронајден мртов во затворот каде издржуваше 19 годишна затворска казна.