Барањето на ДУИ претседателот на државата да се бира во Собранието, за најголемата партија во опозицијата, ВМРО-ДПМНЕ е национал – романтистичко, во недостаток на реални аргументи.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски на 24 февруари на прес-конференција во седиштето на партијата рече ставот на ВМРО-ДПМНЕ е дека под уцени ниту разговара, ниту преговара, а најмалку пак прифаќа уцени.
„Ние само ќе ги повикаме граѓаните да го следат ова однесување на ДУИ и да биде тоа дополнителен мотив за сите граѓани на наредните избори да докажат дека оваа држава не е заложник на една политичка партија и дека ДУИ, како што се однесува изминативе 20 години, очигледно ќе продолжи да се однесува и наредните години“, рече Петрушевски.
На прашањето дали со условувањата е доведен во прашање цензусот за претседател, Петрупевски вели дека таквото однесување на ДУИ дополнително ќе ги мотивира граѓаните да кажат „доста е“.
Од владејачкиот СДСМ, велат дека идејата на ДУИ не е нова и дека таквата идеја ја отфрлиле во 2019 година.
„Како и тогаш така и сега, ставот на Социјалдмократскиот сојуз на Македонија останува идентитечен: моделот на избор на претседател на државата не треба да се менува. СДСМ останува на ставот дека Претседателот на државата треба да го бираат граѓаните на директни, непосредни избори како врвно демократско право на граѓаните“, реагираат од СДСМ.
Идејата за избор на претседател на државата ја актуализираше лидерот на ДУИ, Али Ахмети, коалиционен партнер во Владата.
Потпретседателот и портпарол на Демократската унија за интеграција, Арбр Адеми на денешната прес-конференција рече дека од сите политички партии очекува позитивно да одговараат на нивната идеја претседателот на државата да се бира во Собранието.
Видете и ова: Никој не сака да остане без претседателски кандидат на двојни избориАдеми посочи примери дека и во Албанија и во Косово се избира шеф на државата во Собранието, иако, како што рече, претседателот во овие земји има поголеми надлежности.
Претседателските избори треба да се одржат на 24 април и 8 мај.
Само првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров, во првиот мандат е избран во Собрание, потоа претседатели на државата се бираат на избори.