Десетици луѓе, во организација на Здружение на Украинци во Македонија „Лесја Украинка“ учествуваа на марш што се одржа на 24 февруари во центарот на Скопје, за одбележување на двегодишнината од руската целосна инвазија врз Украина.
Учесниците маршираа од алејата „Украина“, на плоштадот Македонија во центарот на главниот град, до амбасадата на Руската Федерација.
Колоната ја предводеше амбасадорката на Украина во Северна Македонија, Лариса Дир.
Претседателот на Здружението Лесја Украинка, Олександр Урбанович, порача дека на Украина, повеќе од потребана и е воена поддршка за да може да се спречи поголема војна во Европа.
„Поробувањето на Украина требаше да биде само еден од чекорите кон поголем план: повторна поделба на светот. Благодарение на храброста на украинскиот народ, Русија и сега, по две години сеопфатната војна, сè уште е заглавена на првиот чекор“, рече Урбанович.
Тој рече дека за победа во војната потребни се две работи: издржливост и воена поддршка.
„Украина ќе победи!“, порача претседателот на Здружението.
Северна Македонија, како членка на НАТО, од почетокот на инвазијата, се солидаризираше со Украина, а и испрати и помош на земјата зафатена од војна.
Пред Министерството за надворешни работи на Северна Македонија, поставен е билборд до пораката -Ви благодариме, од украинскиот народ. Пораката е на македонски, украински и албански јазик.
Во знак на поддршка на Украина, на зградата на Министерството се истакнати знамиња на Украина и на Северна Македонија, објави министерот Бујар Османи.
„Почит за херојството на украинскиот народ и истрајноста во нивните заложби за враќање на мирот и зачувување на споделените вредности“, напиша Османи на платформата Фејсбук.
Ноќта претходно зградата на Министерството беше обоена во боите на знамето на Украина. На тоа се заблагодари амбасадата на Украина во Северна Македонија.
„Ја цениме воената и хуманитарната поддршка на Република Северна Македонија, која му помага на херојскиот отпор на Украинците против жестоката воена агресија“, напиша амбасадорката Лариса Дир на Фејсбук.
По почетокот на инвазијата, пред две години, на 24 февруари 2022, Украинците во Северна Македонија во повеќе наврати протестираа пред руската амбасада против војната.