Судот за спортска арбитража на 23 февруари ја отфрли жалбата на Русија против суспензијата од Меѓународниот олимписки комитет (МОК), пренесува Ројтерс.
Одлуката за суспензија на Русија ја донесе МОК во октомври минатата година, бидејќи Рускиот олимписки комитет (РОК) ги призна Олимписките совети за регионите на Украина што ги окупираше - Луганск, Доњецк, Херсон и Запорожје.
МОК тогаш рече дека потегот е кршење на Олимписката повелба бидејќи го нарушува територијалниот интегритет на Националниот олимписки комитет на Украина (НОК).
Русија која започна воена инвазија на Украина во февруари 2022 година, а која Москва ја нарекува „специјална операција“, го осуди потегот на Судот за спортска арбитража како политички мотивиран.
Видете и ова: Русија и Белорусија не добија покана за учество на Олимпијадата во ПаризВо својот апел до Советот со седиште во Лозана, Русија побара забраната да се укине.
„Советот на Cудот за спортска арбитража задолжен за ова прашање ја отфрли жалбата и ја потврди оспорената одлука, наведувајќи дека Извршниот одбор на МОК не ги прекршил принципите на законитост, еднаквост, предвидливост или пропорционалност“, се вели во соопштението на Судот за спортска арбитража.
На руските и белоруските спортисти првично им беше забрането да се натпреваруваат на меѓународно ниво по руската инвазија на Украина.
Минатата година, сепак, МОК издаде првичен пакет препораки до меѓународните спортски тела за управување за да се дозволи враќање на Русите и Белорусите да се натпреваруваат како индивидуални спортисти без знаме, амблем или химна.
МОК рече дека спортистите не треба да бидат казнети за постапките на нивните влади.