Мерсиха Смаиловиќ поддржана од Бошњачкиот демократски сојуз (БДС) е кандидатка за претседател на Република Северна Македонија на претседателските избори 2024. Доаѓа од приватниот сектор, во јавноста е позната како граѓанска активистка во борба за човековите права.
На прес-конференција на која беше промовирана нејзината кандидатура, таа рече дека иако првпат бошњачката заедница има свој претседателски кандидат, нејзината етничка припадност не ја одредува во политички контекст и нејзината програма и заложби ќе бидат за подобра иднина на сите луѓе во нашето мултиетничко општество и дека и фокусот во кампањата ќе биде на сите граѓани на државата.
„Наша цел во текот на кампањата е да ги слушаме граѓаните, како што ги слушавме во изминатиот период, и да одговориме на нивните наједноставни прашања кои го засегаат нивниот живот. Да го направиме животот подобар за сите нив и да нудиме перспективи коишто ќе го направат многу поедноставен животот и многу поприфатлив. Мојата идеја на внатрешен план е да ја зајакнеме кохезијата, а на надворешен план да ги зајакнеме добрососедските односи и односи со нашите стратешки партнери, но да се водиме исклучиво од тоа што е во интерес на граѓаните“, истакна Смаиловиќ.
Видете и ова: Никој не сака да остане без претседателски кандидат на двојни избориПретседателот на Бошњачкиот демократски сојуз (БДС) Мунир Колашинац смета дека политичките партии на помалобројните заедници можат да бидат вистински генератори на општествените промени и затоа, рече, и на последните локални избори БДС имаше свој кандидат за градоначалник на Скопје и за други градови.
За претседателска кандидатура се потребни потписи од 30 пратеници или 10.000 потписи од граѓани. Рокот за собирање потписи тече од денеска и завршува на 8 март.
Првиот круг од претседателските избори ќе се одржи на 24 април, додека вториот на 8 мај. Заедно со вториот круг, ќе се одржат и парламентарни избори.