Ерменија го замрзна членството во Организацијата на Договорот за колективна безбедност

Ерменскиот премиер Никол Пашинијан

Ерменскиот премиер Никол Пашинијан изјави дека неговата земја го замрзнала своето членство во Организацијата на Договорот за колективна безбедност (ОДКБ) предводена од Русија. Со ова Ереван продолжува да се дистанцира од Москва во услови на влошување на билатералните односи.

Пашинијан во интервју за телевизискиот канал Франс 24 на 22 февруари рече дека потегот доаѓа откако Москва почна пред неколку месеци отворено да ги повикува ерменските граѓани да ја соборат неговата влада и дека поројот од пропаганда против него „никогаш не престанал“.

Пашинската влада долго време ја критикуваше ОДКБ за нејзиниот „неодговор на безбедносните предизвици“ со кои се соочува Ерменија.

Ерменските власти ги обвинија руските мировници распоредени во Нагорно-Карабах во 2020 година дека не ја запреле молскавична офанзива на Азербејџан во септември, која заврши со враќање на контролата врз отцепениот регион кој три децении беше под контрола на етничките Ерменци.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Азербејџан ги апси ерменските лидери во Нагорно Карабах, од кој се иселија сите Ерменци

Москва ги отфрли обвинувањата, тврдејќи дека нејзините војници немале мандат да интервенираат, обвинувајќи дека Пашинијан ефективно го отворил патот за колапс на сепаратистичкото владеење во регионот со претходно признавање на суверенитетот на Азербејџан над него.

Сепак, Пашинијан одби да присуствува на самитот на ОДКБ во Минск во ноември и на телевизиска сесија за прашања и одговори тогаш рече дека секоја одлука за продолжување на членството на Ереван во групата - која ги вклучува Белорусија, Казахстан, Киргистан и Таџикистан, Ерменија ќе ја заснова врз „сопствени државни интереси“.

Во интервјуто, ерменскиот премиер изрази загриженост и за приведувањето на рускиот државјанин Дмитриј Сетраков во Ерменија, кој беше мобилизиран во тековната војна во Украина.

Органите за надзор на правата тогаш рекоа дека Сетраков бил приведен од руската воена полиција, но Ереван не коментираше. Пашинијан за Франс 24 изјави дека приведувањето на Сетраков е „киднапирање“ и дека „не можеме да толерираме незаконски дејствија на наша територија“.

Видете и ова: Пашинјан: Ерменија повеќе не може да се потпира на Русија за одбрана

На прашањето за можното затворање на руската воена база во северозападниот ерменски град Ѓумри, Пашинијан рече дека „тоа прашање во овој момент не е на дневен ред“.

Ерменија е на „раб“ откако Азербејџан ја врати контролата врз Нагорно-Карабах поради стравувањата дека Баку и понатаму е непријателски расположен кон земјата.

Пашинијан рече дека мисли оти Азербејџан ја смета Ерменија за „Западен Азербејџан“ и планира да ја нападне Ерменија и да заземе други ерменски територии.